Партиите да не нè ставаат нас новинарите во нивните табори, бидејќи повеќето од нас работиме водени од јавниот интерес, вели новинарката Милка Смилевска која беше нападната на протестот на ВМРО-ДПМНЕ што се организираше против поскапувањето на струјата.
Смилевска, во колумна за „Призма“, детално го раскажува случајот и вели дека ваквите настани не треба да бидат обесхрабрувачки за новинарите и за медиумските работници, но партиите да не ги злоупотребуваат ваквите настани за нивни партиски цели.
„ВМРО-ДПМНЕ го осуди насилството и попречувањето на работата на новинарите…Но, во исто време споменуваат други случаи што немаат врска со настанот и ме ставаат во некој нивни партиски контекст. СДСМ, пак, напиша дека ВМРО-ДПМНЕ не смогнала сили ниту да го осуди инцидентот, ниту да се извини, што не е точно. Токму поради ваквата ситуација и ваквите реакции, новинарите често се обесхрабруваат да реагираат бидејќи не сакаме етикети, кои секако ни ги лепат“,
вели Смилевска.
Дописничката на Ал Џазира од Македонија во колумната појаснува дека протест на опозициска партија е регионална вест, а таа и нејзиниот колега снимател професионално биле присутни на настанот.
„Решив да објавам на социјалните мрежи што се случи и дека напаѓачот заврши во полиција, за да разберат луѓето со слични идеи дека на новинарите и на медиумските работници не може секој да им прави што сака, дека можат да завршат и во станица, барем на неколку часа и да се соочат со полицијата и со прекршочна пријава“,
додава Смилевска.
