Скопското обвинителство утврдило дека сметководителот за три и пол години со фалсификуван потпис од нотарката потпишал 211 налози за пренос на парични средства
Сметководител од Скопје е обвинет за проневера на речиси 11 милиони денари откако е откриено дека неколку години го фалсификувал потписот на нотарка за која работел.
Истрагата на скопското обвинителство покажала дека сметководителот од 28.4.2016 година до 28.11.2019 година со фалсификуван потпис од нотарката потпишал 211 налози за пренос на парични средства.
Дека целата операција била добро испланирана покажува тоа што средствата што ги „заработувал“ на ваков начин ги префрлал од оперативни сметки на нотарката од повеќе различни банки, на банкарска сметка која нотарката ја имала во една банка, каде што сметка имала и неговата сопруга на која тој потоа ги префрлал средствата и ги подигал како овластен потписник.
