Слушајте ги научниците, порача денеска претставничката на УНИЦЕФ, д-р Патриција Диџовани која присуствуваше во Градскиот парк во Скопје на настан со кој беше одбележана Европската недела на имунизација
Под мотото „Заштитуваме генерации“, денеска во Градскиот парк во Скопје беше одбележана Европската недела на имунизација.
На настанот евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека повеќе од 50 години вакцините кои ги примил како дете го штитат, а имунизацијата е едно од најголемите достигнувања на човештвото.
Гир смета дека сега има многу дезинформации против кои треба да се бориме.
„Она што ни е пред сѐ потребно е едуцирање, заедно со настани како овој, за достапност на имунизацијата. На таков начин може да помогнеме стапките на имунизација низ земјата да растат. Кога ова не се случува, ги гледате последиците со појава на болести кои не треба да ги има во земјата“,
рече Гир.
Во Градски парк беше и претставничката на УНИЦЕФ, д-р Патриција Диџовани. Таа рече дека Македонија оди наназад со нивото на имунизација, а пред 30 години опфатот со имунизација бил 95 отсто.
„Знам дека сите ги сакаме децата. Ајде заедно да се потрудиме да ги заштитиме од разболување, од тешки попречености и од смрт. Најголемата закана се дезинформациите и погрешните информации и затоа ве молам слушајте ги научниците“,
рече таа.
Настанот беше организиран од Министерството за здравство заедно со Институт за јавно здравје, СЗО и УНИЦЕФ, а поддржани од УСАИД и ЕУ.
Од Министерството за здравство посочуваат дека се преземени мерки и активности за да се зголеми опфатот и достапноста за имунизација. По првпат се спроведува и теренска вакцинација насловена „Спринт за вакцинација“ каде што се вклучени сите 34 здравствени домови.
Инаку, во текот на изминатата недела во земјава се регистрирани 27 нови случаи на голема кашлица, a тоа, како што наведува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во својот најнов извештај, е намалување од 41,3 отсто во однос на претходната недела. Најголем дел од заразените се во Скопје, а нивната возраст се движи од еден месец до 54 години. Најголемиот број случаи се регистрирани кај деца од 10 до 14 години.
Четворица од новопријавените 27 случаи на голема кашлица се хоспитализирани. Заклучно со 25 април, како што се нотира во извештајот на ИЈЗ, пријавени се вкупно 516 случаи на голема кашлица. Од заболените, хоспитализирани се 73 лица, а 59 од нив се на возраст до четири години.
Во периодот од 18 јануари до 25 април годинава аплицирани се 42 857 дози вакцини против голема кашлица.
*Насловна фотографија: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ