Обвинетите што се спогодија со обвинителството, кои досега се 14, се упатени на издржување на изречената казна, а за останатите истражната постапка е во тек
По спогодбите со седумтемина припадници на т.н. група од Гази Баба осомничени во предметот „Планина“, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи предлог -спогодби со уште седум лица од групата во Грчец, соопшти ОЈО.
Откако биле запознаени со доказите што Обвинителството ги има за нив од предистражната и истражната постапка, тие го признале кривичното дело за кое се товарат. Потоа, како што велат од ОЈО, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ги прифатил предлог – спогодбите и тие се прогласени за виновни за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори предвидено и казниво по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Со пресуда на обвинетите им е изречена казна затвор во која се пресметува и времето поминато во притвор и тоа:
-на осомничениот С.С.(34) осудуван за други кривични дела во траење од пет години;
-на осомничените Б.Љ.(39) и Ф.Љ. (33) осудувани за други кривични дела во траење од по три години и шест месеци и
-на осомничените И.А. (19), С.Е. (21), Е.И. (24) и Ќ.Љ. (29) досега неосудувани во траење од по три години.
Во периодот од март 2020 година до март 2021 година осомничените И.М. и Б.Љ. кои се недостапни на органите на прогонот, како и други непознати лица, во повеќе наврати искористувајќи исти прилики и други слични околности неовластено купувале кокаин, хероин и марихуана и истата ја криеле на безбедни локации во с.Грчец.
За неовластена продажба организирале мрежа на препродавачи и посредници во која биле опфатени и останатите осудени и осомничени лица. Тие имале задача да воспоставуваат контакти со заинтересирани купувачи од Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица и други градови. Откако ќе ја договореле цената, количината и видот на наркотичната дрога, ги известувале И.М. и Б.Љ. кои им ја давале измерена и спакувана нарачката. Препродавачите добивале процент од постигнатата цена која се движела од 4-5 000 денари по грам за кокаин и од 12-15 000 денари за 100 грама марихуана.
Одземени се едно ПМВ марка АУДИ 3, 17 мобилни телефони, 32 држачи за СИМ картички, 13 СИМ картички, едно пакување бела непозната материја, 6 мали полиетиленски пакувања со наркотична дрога -кокаин, 5 капсули бела боја и еден куршум.
Обвинетите што се спогодија со обвинителството се упатени на издржување на изречената казна, а за останатите истражната постапка е во тек.
Претходно, во средината на јули, исто така седуммина припадници на наркогрупата од Гази Баба, осомничени во предметот „Планина“ го признаа извршувањето на кривичното дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и се спогодија со обвинителството, информираа од Јавното обвинителство.