Медицинскиот тим лекари на берлинската болница Шарите каде се наоѓа на лекување рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, при прегледот утврдиле знаци на труење, соопштија од болницата.
Во соопштението се наведува дека тимот лекари детално го прегледале Навални по неговиот прием на лекување, пренесе Ројтерс.
„Клиничките наоди укажуваат на труење со супстанца од групата активни материи наречени инхибитори на холинестераза”,
се наведува во соопштението од болницата во Берлин.
Навални и натаму е во вештачка кома и се наоѓа во одделотза интензивна нега.
„Неговата здравствена состојба е сериозна, но во моментот нема актуна опасност по неговиот живот”,
велат од болницата.
Лекарите посочуваат дека супстанцата која е пронајдена во телото на Навални се уште не е позната, но дека се работи за некој вид инхибитор на холинестераза.
Инхибиторите на холинестераза се користат во повеќе супстанци, но исто така и во пестициди и во нервен гас.
Во соопштението уште се истакнува дека е започната уште една широка анализа, и се додава дека независни лаборатории повеќепати докажале ефект на токсична материја во телото на рускиот опозиционер.
Навални сега се лечи со атропин, но исходот од лечењето останува неизвесен, како и долгорочните последици, посебно по нервниот систем, се вели во соопштението.
Координаторот на германската влада за источноевропски прашања Дирк Визе претходно изјави дека Навални и натаму е во критична, но стабилна состојба.
Германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за надворешни работи Хаико Мас, во заедничка изјава порачаа дека одговорните за ова мора да бидат откриени и да одговараат.
„Според лекарскиот тим на Шарите, клиничките резултати укажуваат дека Алексеј Навални бил отруен. Имајќи ја предвид огромната улога на Навални во политичката опозиција во Русија, властите под итно треба да го истражат овој акт и тоа да го направат целосно транспарентно. Одговорните мора да бидат пронајдени и да одговараат. Се надеваме дека Навални дека ќе може целосно да се опорави“,
се вели во изјавата.
Руски здравствени претставници соопштија дека Навални бил негативен на инхибитори на холинестераза кога бил хоспитализиран во Омск минатата недела, што е спротивно на дијагнозата на германските лекари.
Навални во саботата беше префрлен со авион од Омск во Берлин на натамошно лекување, откако претходно руские лекари се противеа на тоа, правдајќи го своето мислење со неговата тешка здравствена состојба.
Тој итно беше префрлен во болница во Омск, откако во авионот од Томск за Москва му се слошило.