Словенечката влада го усвои планот за вакцинација против ковид-19 и тој предвидува најпрво да се вакцинираат ранливите групи и постарите лица, додека оние надвор од овие категории ќе бидат вакцинирани на пролет.
Ова го изјавија на прес-конференција премиерот Јанез Јанша, кој до именувањето нов министер за здравство, привремено ја извршува и оваа должност, и директорот на Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ), Милан Крек.
Досега, во Словенија се вакцинирани повеќе од 20 000 лица, претежно во домовите за стари лица и во болниците.
„Словенија планира да употреби четири вакцини за имунизација и во петокот успеа да склучи договор за испорака на уште 900 000 дози од вакцината на ‘Фајзер/БиоНТек’, откако производителите ја зголемија планираната количина во споредба со претходните најави“,
изјави Јанша пренесе МИА.
Тој посочи дека наскоро ќе бидат достапни уште три вакцини кои сè уште не се одобрени од Европската регулаторна агенција за лекови (ЕМА), вклучувајќи ја и вакцината на „Астра Зенека“.
Стратегијата за вакцинација на Словенија се заснова на препораките на Европската комисија и Словенија планира да вакцинира 1,6 милиони луѓе или 60 проценти од населението до август годинава.