Европа се соочува со вториот бран на коронавирусот, при што статистиката покажува дека е надмината бројката од 250 000 смртни случаи.
Само за една недела се забележани повеќе од 8 000 смртни случаи, што се смета за најцрн неделен биланс од средината на мај досега.
Поради тоа, повеќе европски земји најавија воведување построги мерки.
Полициски час во Франција и Белгија
Рекорден број на новозаразени се регистрирани во Франција за време на викендот, а поради зголемувањето на бројот на заразени во саботата беше воведен полициски час од 21 до 6 часот наутро, кој ќе трае најмалку еден месец, пренесува Би-би-си.
За прекршителите се предвидени казни од 135 евра.
Од денеска полициски час од полноќ до 5 часот наутро има и во Белгија, каде што сите барови и ресторани ќе бидат затворени во следните четири недели, а воведена е и забрана за продажба на алкохол по 20 часот.
Швајцарија воведе задолжително носење маски во сите затворени места, како и забрана за собирање на повеќе од 15 лица на едно место.
Чешка сè уште не одлучила дали е потребен карантин, а таа земја во моментов е прва според бројот на заразени во Европа.
Во Ирска денеска ќе бидат презентирани нови мерки, а се претпоставува дека ќе бидат затворени некои продавници и компании кои не се од суштинско значење.
Во Германија канцеларката Ангела Меркел, поради зголемениот број заразени, ги повика луѓето да останат дома и да избегнуваат патувања доколку е можно.
Исто така, од денеска е ограничена работата на баровите и рестораните во Италија.
Словенија прогласи епидемија
Од синоќа во Словенија и официјално е прогласена епидемијана целата територија на земјата, што ќе трае 30 дена, почнувајќи од денеска.
Ова значи дека националниот план за заштита и спасување е активиран, но не се објавени дополнителни мерки за ограничување, пренесе словенечката новинска агенција СТА.
Според агенцијата, во согласност со регулативата за 30-дневната епидемија, донесена врз основа на Законот за заразни болести, во земјата ќе се применуваат истите мерки како и досега.
Владиниот портпарол Јелко Кацин изјави за РТВ Словенија дека нема да има промени во врска со вработените, студентите и другите, освен што се повикуваат сите работодавци да организираат работа од дома, ако е можно.
Тој додаде дека владата во овој момент не гледа потреба да се затворат трговските центри.