Оваа одлука е содржана во декретот донесен доцна синоќа, кој следуваше по острите критики и протестите
Мерката за задолжителни ковид-сертификати во Словенија денеска е малку олеснета, откако е одлучено тие да не бидат задолжителни за лицата што работат од дома, како и за оние што полнат гориво, но не влегуваат во објектите на бензинските пумпи.
Оваа одлука е содржана во декретот донесен доцна синоќа, кој следуваше по острите критики за задолжителен ковид-сертификат за оние што работат од дома, особено за самовработените, пренесува словенечката агенција СТА.
Исто така, укинато е и задолжително поседување ваков сертификат и за точење гориво на бензинските пумпи, мерка донесена пред десетина дена, која предизвика бурни реакции во јавноста.
Словенечката влада, исто така, одлучи спортските активности во затворен и на отворен простор да се изведуваат без маски и дистанцирање, сѐ додека учесниците имаат ковид-сертификат.
Од регионот Словенија во последниве денови воведе најригорозни мерки, кои иницираа протести, а на некои дојде и до судири со полицијата.