Заклучокот беше дека Градот Скопје во моментов не може финансиски да помогне и да гарантира со одредена сума поради тоа што ребалансот на буџетот сè уште не е поминат и единствено што може да се зборува за решавање на состојбата е дури по 40 дена со новиот буџет, вели директорот на „Слобода превоз“

Нема договор помеѓу приватниот градски автобуски превозник „Слобода превоз“ и Град Скопје.
Директорот на претпријатието Ленин Јовановски најави дека автобусите на линиите кои не сообраќаа денеска нема да сообраќаат и утре, а за другите линии ќе се одлучи по средбата со превозниците.
„Иако состанокот беше напорен и траеше толку долго, за жал, не можам да кажам дека се договоривме за нешто конкретно. Заклучокот беше дека Градот Скопје во моментов не може финансиски да помогне и да гарантира со одредена сума поради тоа што ребалансот на буџетот сè уште не е поминат и единствено што може да се зборува за решавање на состојбата е дури по 40 дена со новиот буџет“,
изјави Јовановски по средбата со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров.
Автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, денеска не возат поради заостанат долг од Град Скопје кон приватниот превозник.
Од „Слобода превоз“ вчера рекоа дека со крајни напори ќе се обезбеди редовен превоз на линиите 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73, кои како приградски линии делумно се финансираат и од општините кои не се во состав на Град Скопје, за да не се случи поради неизвршување на тој превоз да имаат причина да престанат да ги уплаќаат средствата во ЈСП.