Директорот на ДЗС информира дека во текот на јули дневно во просек се регистрирани по 15-ина пожари на отворен простор. Како олеснителна околност ја посочува локалната појава на дождови кои, како што вели, го успориле ширењето на пожарите и го олесниле нивното гаснење. Но, вели Ангелов, периодот на дождови заврши, а пред нас е период на многу топло и сушно време со високи температури
По најавата на УХМР за високи температури за време на викендот и во текот на следната недела, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, апелира до граѓаните на поголема внимателност поради ризикот од појава на пожари. Мала невнимателност, вели тој, може да предизвика пожар.

Ангелов информира дека во текот на јули дневно во просек се регистрирани по 15-ина пожари на отворен простор. Како олеснителна околност ја посочува локалната појава на дождови кои, како што вели, го успориле ширењето на пожарите и го олесниле нивното гаснење.
„Но, врнежите од дожд пред неколку дена завршија, а Македонија ја зафаќа силен топлотен бран. Бујната вегетација којашто дополнително израсна од дождовите наскоро ќе биде барут сува. Високите температури кои следат, ниската влажност на воздухот и променливиот ветер создаваат исклучително висок ризик за појава на пожари на отворен простор и шумски пожари. Најголемиот број на пожари на отворен простор настануваат ненамерно. Луѓето немаат намера да предизвикаат пожар и веруваат дека со нивното однесување нема да предизвикаат пожар. Но, некогаш е доволна само една искра“,
изјави Ангелов.
Директорот на ДЗС апелира граѓаните да не фрлаат отпушоци од цигари на отворен простор, особено не од возило во движење, да не палат скара или оган на отворен простор и да ги исчистат тревата и грмушките од дворовите на своите куќи и викендици. Апелот на Ангелов до сточарите и земјоделците во земјава е да не ги палат стрништата и пасиштата и да внимаваат при користење на плинските уреди кои испуштаат звуци налик на истрели за плашење на птиците.
„Во најблиската полициска станица или на 112 пријавете го секое сомнително однесување. Лица кои во шишиња, туби или други садови носат течност која изгледа или мириса како бензин, лица кои носат факели, огномети или големи петарди, лица кои во планина или на отворен простор каде што нема возила носат автомобилски гуми. Пријавете ги веднаш во полиција, во пожарна или на бројот 112. Сите кои ќе предизвикаат пожар треба да завршат во затвор. Ве молам бидете внимателни. Доволна е само искрастен пожар и страшна трагедија“,
додаде директорот на ДЗС.
