Тие би опфаќале: ограничувања во работата на рестораните, целосна забрана на собири, привремен прекин на јавниот превоз
Следната недела треба да се финализира планот за евентуално воведување рестриктивни мерки за регионите каде има влошуввање на епидемиолошката состојба со ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче во интервју за „Слободен печат“ вели дека, според овој план ќе се носат таргетирани мерки: како ограничувања во работата на рестораните, целосна забрана на собири, привремен прекин на јавниот превоз и слично.
„Мерките ќе се таргетирани, со цел да нема проширување на национално ниво во цела држава. Планот опфаќа собири, угостителски објекти, училишта и градинки и јавен превоз. Многу е битна индикацијата, а не само да има зголемен број на заразени. На пример, ако во некој град процентот на позитивни отскокнува од бројот на направените тестови, односно ако има експоненцијален раст на новозаразени, има нејасна епидемиолошка поврзаност, тогаш предвид доаѓаат рестрикции за работното време на рестораните, или пак целосно ќе се забранат собири, или пак во период од недела или две ќе нема комуникација со транспорт и јавен превоз, за местото да се изолира целосно. Не е само бројката индикатор, туку и целата епидемиолошка слика, а таа се добива од анкетите и прашалниците. Доколку утвридме дека има голем ризик за одреден регион, тогаш ќе се аплицира планот“,
вели Филипче.