Како што изјави Славески, директорите на Комунална хигиена и на Паркови и зеленило, со оглед дека се нови на функцијата, само 10-тина дена, не можеле да дадат конкретни одговори на прашањата, поради што се договориле советниците да бидат информирани за прашањата што ги поставувале
Советничките групи во Град Скопје, на денешната координација се согласиле на наредната седница на Советот која треба да се одржи на 29 август, да ги поддржат дополнителните програми за работа на Комунална хигиена за вработување на околу 120 лица, како и средства за ЈСП со пренамена од друг проект со кои ќе се репарираат и стават во функција уште 30 автобуси. Ова денеска во изјава за медиумите го потврди претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески.
Градоначалничката Арсовска на денешната средба со координаторите на советничките групи дошла со директорите на јавните претпријатија Паркови и зеленило, Комунална хигиена и ЈСП. Како што изјави Славески, директорите на Комунална хигиена и на Паркови и зеленило, со оглед дека се нови на функцијата, само 10-тина дена, не можеле да дадат конкретни одговори на прашањата, поради што се договориле советниците да бидат информирани за прашањата што ги поставувале.
„На состанокот од јавните претпријатија беше нагласено дека им е потребна дозвола за набавка на нова механизациоја, опрема и др. Јас забележав дека нивните инвестициски планови се одобрени од страна Советот на Град Скопје уште на почетокот на годината, како и во претходните години и се поставува прашање што правеа кога ни кажуваат дека во просек возилата и опремата им се стари над 20, а во некои групи и 30 години“,
изјави Славески.
Што се однесува до проблемот со јавниот превоз во главниот град, Славески посочи дека и на средбата во понеделникот било констатирано дека на краток рок не може да се изврши набавка на нови автобуси кои би го зголемиле возниот парк, но и дека добар дел на возниот парк е нефункционален. Тој повтори дека од Владата била изразена подготвеност дека дел од средствата кои се неискористени, а се наменети за инфраструктурен проект во Град Скопје, да се префрлат на сметката на Град Скопје за рехабилитација на одреден број на автобуси што не се во функција, во пресрет на почетокот на новата учебна година.
Славески изрази очекување дека од 1 септември јавниот превоз во градот ќе функционира, но не оптимално како што посакува.
Прашан за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој денеска ги повика советниците да ги поддржат плановите на Град Скопје, Славески повтори дека до сега единствено не била изгласана Програмата за дополнителни активности за „Комунална хигиена“ за дополнително сезонско вработување на 120 работници. Тој смета дека и со сегашната бројка ова јавно претпријатие би можело добро да функционира.
Координаторот на советничката група на СДСМ, Гордан Шутаров изјави дека на средбата директорите упатиле апел да се изгласа програмата за сезонски вработувања во ЈП Комунална хиогиена и за започниување на процедура за набавка на нови автобуси, како и за отпочнување на реализација на БРТ системот (Бас рапид транзит сисстем).
„Мене ми е драго што премиерот повикал да се изгласаат тие програми затоа што станува збор за Совет на Град Скопје кој носи одлуки во интерес на граѓаните за да го направи животот на граѓаните подобар“, рече Шутаров.
Во однос на БРТ системот, за кој е донесен закон во Собрание и се обезбедени средства од ЕБОР од 70 милиони евра, Шутаров повика советниците на ВМРО-ДПМНЕ, но и Владата, да заземат став за овој проект, оти смета дека тој е решение за јавниот превоз во Скопје со кој ќе се модернзира и оптимизира јавниот градски превоз.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Стојановски потврди дека тие ќе ги гласаат програмите што ќе ги понуди градоначалничката Арсовска на седницата на 29 август, но оцени дека со тоа нема да се реши ништо затоа што смета дека е потребно да се смени односот на директорите во менаџирањето на јавните претпријатија и пристапот на работа.