Групацијата на скопските таксисти бара решавање на нелојалната конкуренција и сивата економија
Групацијата на скопските таксисти бара од Град Скопје решавање на проблемите во такси-превозот. Според нив, со решавањето на овој проблем би се придонело граѓаните да имаат делумно почист воздух, делумно да се намали сообраќајниот метеж во градот бидејќи од сообраќај би биле отстранети дивите таксисти.
Во официјалниот допис доставен денеска до Градот, како дел од нивните барања, тие ги наведуваат проблемите со жолтите таблици поради што не можат таксистите да ги обноват возилата, такси-возилата без лиценца, без фискални таксиметри, со диво нагодени фискални таксиметри, со непријавени такси-возачи, лиценцираните такси-возила без задолжително обележје, како и тоа дека кај некои таксисти изводот од лиценцата не се совпаѓа со возилото.
Според Групацијата, со решавањето на овие проблеми граѓаните ќе добијат делумно почист воздух и делумно намалување на сообраќајниот метеж во градот, како и околу 1 200 до 1 500 нови вработувања.
„Сето ова претставува нелојална конкуренција, сива економија, ја доведува во прашање безбедноста на патниците и другите учесници во сообраќајот, го зголемува метежот во сообраќајот, го зголемува загадувањето во градот и создава лоша претстава за такси-дејноста во Градот Скопје“,
се наведува во соопштението.
Како организатор на автотакси-дејноста, од Градот Скопје бараат да го среди хаосот во автотакси-превозот, да се заложи за поголема безбедност на граѓаните кои користат автотакси-превоз и да ја доведе такси-дејноста, како што се вели во соопштението, на едно пристојно ниво преку постоечките закони, одлуки и соодветни прописи кои само треба да се спроведуваат.