Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала
Скопје со повеќе активности и манифестации денеска продолжува со одбележување на 57 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1 070 луѓе го загубија животот, а 3 000 беа повредени.

Цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел денеска ќе положат делегација на Собранието на Република Северна Македонија предводена од потпретседателот Горан Мисовски и Жаклина Пешевска, делегација на Владата предводена од вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и делегација на Советот на Град Скопје.
Град Скопје и јавните културни установи традиционално ќе организираат голем број на настани.
Меѓу нив е „МКЦ за Скопје“ кој ќе се одржи во паркот на МКЦ, бројот на посетители ќе биде ограничен, а влезот е бесплатен, но со билети кои може да се набават преку bileti.mkc.mk.
„МКЦ за Скопје“ ќе почне вечер во 19:30 часот со изложбата „Култните градби во Скопје“ – избор на фотографии од проектот „101 најзначајни градби во Скопје“. Изложбата ги претставува култните градби во градот Скопје, надополнета е и со видеопроекција. Автори на фотографиите се Горан Јакимовски, Горан Георгиевски, Владимир Арсовски. Селектор е архитект Ѓоко Радовановиќ, а монтажата на видеото за изложбата е на Митко Арнаудов.

Од 20 часот ќе биде промовирана книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов, која содржи осумдесетина микрораскази/куси записи посветени на „невидливиот“ дел на градот Скопје.
„Текстовите, т.н. антиразгледници, се создавани во периодот 2016-2020, а поттикот за нивно пишување во голема мера е промената на архитектонскиот лик што градот ја доживеа изминативе години. Во неа средишно место заземаат приказните за малите луѓе и феномените кои се маргинални, сето она што никако не би можело да се најде во историските учебници и на разгледниците. Поривот за таквиот третман на градот доаѓа токму од бруталноста со која се интервенираше врз неговата „голема слика“ и „голема приказна“,
соопшти МКЦ за книгата на Иван Шопов за која ќе зборува Владимир Јанковски, а раскази ќе чита Ѓоко Здравески.
Мултимедијалниот настан во сеќавање на земјотресот од 1963-та ќе продолжи во 21 часот со учество на „Импров група“ и нивната претстава „Импров настап“ – заснована на игри за импровизација, адаптирани да се играаат пред публика. Во неа играат: Мартин Манев, Григор Јовановски, Дамјан Цветановски и Наталија Теодосиева, а водител на настапот е Андреј Цветановски.
Од 22 часот во рамки на „МКЦ за Скопје“ е музичката програма и концерт на бендот „Перија“. По нив ќе настапи „21 век“ – и бендот „Ен2три“ кој за оваа пригода ќе настапи со перформнсот „5:17“.
Кинотека и Македонскиот центар за фотографија (МЦФ) премиерно ќе прикажат два документарни филма: „Првата светска војна, сеќавања” на Роберт Јанкулоски и „Преживеани спомени” на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска. Настанот, насловен „Сеќавања“, е закажан за вечер, со почеток во 21 часот.
На проекцијата на филмовите ќе се обрати амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада.
Изминатите денови се одржаа повеќе настани по повод 57 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и Црвениот крст на Град Скопје ја организираа традиционалната крводарителска акција во Дневниот центар за дарување во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.
Музејот на Град Скопје организираше изложба.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути со јачина од девет степени по Меркалиевата или шест според Рихтеровата скала, а со епицентар на плоштадот „Македонија“.