Откако вчера Скопје се најде на третото место на најзагадени градови во светот, утринава главниот град се најде на деветтото место. Според објавата на веб-страницата iqair.com, во Скопје, утринава се измерени 170 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички. Најголема загаденост измериле станиците во Центар и Ѓорче Петров.
Пред Скопје се Делхи и Колката во Индија, Акра во Гана, Лахоре и Карачи во Пакистан, како и Дубаи, Бишкек и Ченду. Од регионот на 12 место се наоѓа главниот град на Косово, Приштина со индекс 157 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички.

Во Скопје, концентрацијата на штетните ПМ честички е 18 пати повеќе од дозволеното, а покрај Скопје од утринава енормно загадување се забележува и во Гостивар каде присуството на ПМ честичките е за 23 пати повеќе од дозволеното, односно индексот на загаденост е 182 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички.
Вчера од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) преку соопштение информираа дека е евидентно зголемувањето на ПМ 10 честички во воздухот и е надмината среднодневната гранична вредност, но и дека ситуацијата сè уште не е алармантна. Доколку бидат надминати праговите на алармирање за загаденоста на воздухот, од Министерството кажаа дека граѓаните и општините ќе бидат навремено информирани и во сила ќе стапат соодветни мерки.