Како главен загадувач на платформата „Ај-кју-ер“ се наведени ПМ 2,5 честичките чија концентрација, според последните ажурирани податоци е 87,9 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честитичките се со концентрација од 129,3 микограми на кубен метар
Главниот град на земјава, Скопје и денеска се најде меѓу десетте најзагадени градови во Светот, со индекс на загадување од 168, според последните податоци на платформата „Ај-кју-ер“.

Во моментов, според платформата Скопје го држи седмото место, а воздухот во главниот град е означен во категоријата „нездрав“.
Како главен загадувач се наведени ПМ 2,5 честичките чија концентрација е 87,9 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честитичките се со концентрација од 129,3 микограми на кубен метар.
Концентрацијата на ПМ 2,5 во главниот град во моментов е 17,6 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО).
Најзагаден град во светот во моментов е Лахор во Пакистан. По него на непопуларниот список се Дака во Бангладеш, Делхи (Индија), Шенјанг (Кина), Ханој (Виетнам), Калкута (Индија), по кој следува главниот град на земјава.
Инаку, меѓу градовите во земјава чии жители дишат загаден воздух се најде и Штип, каде три дена по ред беа измерени високи концентрации на ПМ честички. Од вчера концентрацијата на овие честистички, штетни за човековото здравје, почна да се намалува и да се доближува до дозволената граница.
Пред три дена од Министерството за животна средина и просторно планирање информираа дека во Кичево и Струмица стапуваат во сила мерките и препораките поради зголеменото аерозагадување, односно поради зголемената концентрација на ПМ 10 честички во текот на два последователни дена.
Во двата града, како што соопштија од Министерството, на 19 и 20 декември се измерени повеќе од 150 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, со што се надминува прагот на алармирање. Мерните станици во Кичево и Струмица на 20 декември измерија 179, односно 206 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, а во вторникот нивната концентрација била 152 и 185 микрограми на кубен метар.
Поради зголеменото аерозагадување без издадени препораки работодавците треба да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Се препорачува и реорганизирање на работното време, а лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.