Со издавањето на овие лиценци се исполнети сите предуслови што се потребни за започнување на грејната сезона во градот Скопје на 15 октомври
Регулаторната комисија за енергетика издаде лиценци за регулирано производство на топлинска енергија, за дистрибуција на топлинска енергија и за снабдување со топлинска енергија на ЕСМ.

Со издавањето на овие лиценци се исполнети сите предуслови што се потребни за започнување на грејната сезона во градот Скопје на 15 октомври. Ова го најави денеска на прес конференција Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
„Регулаторната комисија за енергетика донесе три одлуки за вршење на енергетски дејности од делокругот на топлинската енергија. Првата одлука е за издавање лиценца за вршење на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија на ЕСМ продажба ДООЕЛ Скопје. Втората одлука е за издавање лиценца за вршење на дистрибуција на топлинска енергија на ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје. Третата е одлука за издавање лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија на ЕСМ снабдување со топлина“,
рече Билимоски.
Тој додаде дека лиценцата за вршење на енергетска дејност за регулирано производство за топлинска енергија согласно одлуката на владата со која се задолжува ЕСМ продажба е издадена до 30 април 2023 година, лиценцата за дистрибуција е издадена на период од 35 години што е максимален рок од законот за енергетика и лиценцата за снабдување со топлинска енергија е издадена на максималниот рок од 10 години.
Според Бислимоски сите критериуми и параметри кои важеа претходно остануваат и понатаму.
„Гарантираната температура ќе биде 21 Целзиусов степен, а и периодот на започнување на греењето ќе биде исто како што беше и претходно“,
додаде тој.
Со овие одлуки, нагласи Бислимоски, побаравме одреден број вработени кои не биле преземени од ЕСМ да бидат преземи и добивме ветување дека тоа ќе го направат имајќи во предвид дека ЕСМ сега е државна компанија и треба да спроведе соодветни постапки кои зависат од законот за работни односи.
Бислимоски ги повика ЕСМ да работи со оптимални режими на работа со цел да се намалат трошоците за гориво, а исто така ги повика и граѓаните да се придржуваат кон мерките за штедење.
Претседателот на РКЕ, исто така, уште еднаш потенцираше дека до 31 декември цената на електричната енергија што ЕСМ ја продава на „ЕВН хоум“ е 48 евра за мегават час.
„Ние како РКЕ, изминатиот период, со цел да се спречи ова лудило на цени кои важат на светските берзи неколку пати ја зголеми цената на електрична енергија и од тие причини сега кажуваме дека до пред носење на било која одлука, ќе направиме сериозна анализа што и како се случува со цените на регулиран пазар во државата,
рече Бислимоски.
Така што, додаде Бислимоски, ако АД ЕСМ го одржи планираното производство на електрична енергија не верувам дека по 31 декември ќе има потреба од зголемување на цената на струјата на регулираниот пазар.
Бислимоски смета дека училиштата и компаниите не треба да се вратат на регулираниот пазар, туку ЕСМ продажба да им помогне и да им понуди цени кои се исти или пониски од тие на регулираниот пазар.
Откако во јуни годинава Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои престанаа да важат одлуките за издавање лиценца за вршење енергетска дејност снабдување, односно дистрибуција на топлинска енергија на компанијата БЕГ, Владата објави јавни повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија
Јавното отворање на понудите на повиците за избор на компанија која ќе произведува, дистрибуира и ќе ги снабдува со топлинска енергија потрошувачите на дел од Градот Скопје се одржа на 13 септември. Беа доставени понуди од ЕСМ производство на топлина ДООЕЛ Скопје, ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје и ЕСМ снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, трите претпријатија што беа формирани по одземањето на лиценците на БЕГ.