„Одредени компании кои произведуваат основни прехранбени производи имаат за три до четири, па дури и 10 пати поголеми трошоци во импутот електрична енергија. За да се намалат овие трошоци кои се директен импут во крајната цена ние ќе ги ставиме тие дејности на регулираниот пазар, по конкурентна цена на струјата, но со обврска да се намалат цените на основните прехтранбени производи“, најави Бектеши
Министерот за економија Крешник Бектеши во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ кажа дека од 100 до 150 компании од прехранбената индустрија ќе бидат префрлени на регулираниот пазар, со цел намалување на цените на основните прехранбени производи, а со тоа намалување и на стапката на инфлација.
Оваа мерка, посочи Бектеши, би важела од 1 декември 2022 година.

„Имајќи во предвид дека треба да се справуваме и со инфлацијата во делот на храната, а одредени компании кои произведуваат основни прехранбени производи имаат за три до четири, па дури и 10 пати поголеми трошоци во импутот електрична енергија. За да се намалат овие трошоци кои се директен импут во крајната цена ние ќе ги ставиме тие дејности на регулираниот пазар, по конкурентна цена на струјата, но со обврска да се намалат цените на основните прехтранбени производи“,
кажа министерот.
Според месечните пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), синдикалната минимална кошница за септември достигна 50 224 денари, а инфлацијата според последните пресметки достигна високи 18,7 проценти.
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), трошоците на животот во септември годинава, во однос на истиот месец лани, се зголемени за 18,7, а индексот на цените на мало за 14,7 проценти. Во однос на август годинава, пак, трошоците на животот пораснале за 1,6, а цените на мало забележале пад од 0,1 отсто.
Минатиот месец, во однос на август, најголем пораст е забележан кај сирењето и урдата и тоа за 9,9 отсто. Пораст од 6,3 отсто е забележан и кај свежото и разладеното овошје, а кај млекото за 5,7 отсто.