Во меѓувреме, советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје порачаа дека ќе побараат вонредна седница за спас на јавниот превоз
По најавите за штрајк од раководството на ЈСП и дека скопјани ќе останат без јавен превоз доколку до среда не им биде исплатена заостанатата плата, реагираа од Град Скопје вперувајќи го прстот во Владата и Министерството за образование.
„Во моментов Владата, односно Министерството за образование има долг кон ЈСП од 120 милиони денари или околу 2 милиони евра за бесплатниот превоз на ученици и студентите. Дополнително, неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари“,
истакна денеска на прес-конференција во просториите на Градот секретарот Зоран Глигоров.
Според него, долговите кон ЈСП, кои се бројат во милиони евра, го оневозможуваат нормалниот работен тек на претпријатието и создаваат проблеми во тековната работа, односно исполнување на обврските што претпријатието ги има кон своите доверители и обврската за исплата на плати кон вработените.
„Во услови на економска и енергетска криза кога цените на горивата речиси секојдневно растат, во услови во кои ЈСП Скопје има заостанати долгови наследени од претходните раководства на претпријатието, недозволиво е државните институции да се однесуваат игнорантно и да не ги исполнуваат своите обврски. Скопјани заслужуваат квалитетна и редовна услуга, но бидејќи Владата и општините не ги исполнуваат своите обврски кон ЈСП, претпријатието најавува дека од утре среда 12 часот ќе отпочне со протест пред Влада се до подмирување на долговите кон ЈСП“,
додаде Глигоров.
Во меѓувреме, советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје порачаа дека ќе побараат вонредна седница за спас на јавниот превоз.
„Очигледно дека власта на СДС и ДУИ потонаа во медарството на Данела Арсовска. Од многу заедничко медарање скопјани може да останат без јавен превоз. Нема да дозволиме неспособното и неодговорно однесување на Владата, Градот Скопје, градоначалничката и раководството на ЈСП да ги остават граѓаните, студентите, учениците, пензионерите без јавен превоз и како советничка група бараме итна вонредна седница за спас на јавниот превоз, каде што ќе доставиме одлука за префрлање средства на ЈСП и приватните превозници“,
се наведува во соопштението на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.
Раководството на репрезентативните синдикати на ЈСП по вчерашниот состанок донесе одлука денеска да не почнува со штрајк бидејќи им било ветено дека ќе им биде исплатена заостанатата плата.
„Одлучивме да дадеме шанса на менаџерскиот тим на ЈСП тоа да го направи во текот на утрешниот ден. Граѓаните на Град Скопје и другите што го користат јавниот превоз да бидат мирни, утре ќе можат од своите домови до своите работни места да одат слободно без никаков прекин“,
изјави вчера Миќо Стојановски од Синдикатот на работниците од сообраќај и врски.
Но, како што нагласи Стојановски, доколку до среда не им биде исплатена платата, ќе прекинат со работа.
По најавите за штрајк, раководството на ЈСП соопшти дека во наредните денови вработените ќе ја добијат заслужената плата и граѓаните на Скопје нема да останат без јавен превоз.
„Веруваме дека централната власт и дел од општините ќе ги исплатат заостанатите обврски кои ги имаат за испорачаната услуга од страна на ЈСП за организиран превоз за одредени категории патници, средства со кои се исплаќа платата за вработените во ЈСП. Очекуваме дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието“,
соопштија вчера од раководството на ЈСП.