Членот 41 од Законот, додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува да запрат сите кривични и граѓански постапки што се во тек, а се поврзани со изградба на бесправни објекти (од значење за Републиката и локално значење). Токму за таков случај во тек е судски процес против поранешниот градоначалник на Карпош
Донесувањето на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти беше договорено на неодамнешната лидерска средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски
Нови дивоградби и неуривање на постојните, но и амнестија од одговорност на оние што граделе незаконски, а кои веќе кривично се гонат – ова го носи новиот Закон за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти што вчера го изгласа Собранието со 72 гласа „за“ , тројца „воздржани“ и петмина „против“. Членот 41 од Законот, додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува да се стопираат сите граѓански и кривични постапки што се во тек и произлегуваат од постапки за отстранување објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти од значење за Републиката и од локално значење.

Предлагачи на амандманот усвоен на седницата на собраниската Комисија за транспорт и врски, одржана на 7 мај 2021 година, биле: Ане Лашкоска, Бране Петрушевски, Бојан Стојаноски, Мирче Аџиоски, Олга Лозановска (сите од ВМРО-ДПМНЕ) и Љупчо Пренџов од ГРОМ, партија чиј претседател е поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски. Дополнетиот закон вчера ја доби поддршката и на пратениците од СДСМ.
Токму Јакимовски е еден од оние што ќе имаат директна полза од членот 41 од новоусвоениот закон, бидејќи за него се води судска постапка токму за бесправно изградени објекти со намена опишана во законскиот текст. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври 2019 година поднесе обвинение против 11 лица, меѓу кои првообвинет е Јакимовски за злоупотреба на службената положба и бесправно градење.
Според обвинителниот акт, обвинети се: градоначалникот, осум административни службеници од Општина Карпош и две одговорни лица во правно лице – изведувач и надзор. Според дејствијата опишани во актот, првообвинетиот сторил повеќе кривични дела, злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 во врска со ст. 3 и едно кривично дело бесправно градење од чл. 244-а ст. 1 од Кривичниот законик, едно лице сторило кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 од Кривичниот законик, на седуммина им се става на товар кривично дело несовесно работење во служба од чл. 353-в ст. 5 и две лица, со опишаните дејствија во обвинението, сториле кривично дело бесправно градење од чл. 244-а ст. 1 од Кривичниот законик
Во меѓувреме, петмина од обвинетите признаа вина и се спогодија со обвинителството.
Со Законот се предвидува да се опфатат сите дивоградби изградени до денот на неговото стапување во сила, наместо, како што беше предвидено во првичниот владин предлог, до 1.10.2019 година.

Усвојувањето на овој закон доаѓа како договор меѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, од последната нивна средба одржана на 29 март.
Во гостувањето на 23 април, „360 степени“ го праша министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, дали е информиран од премиерот Зоран Заев дека, меѓу другото, на лидерската средба Мицкоски, повикувајќи се на барање на свој помал коалициски партнер, побарал, а премиерот прифатил интервенции во предлог-законот за легализација на дивоградби кои, практично, ќе значат амнестија за Стевче Јакимовски. Бочварски даде неодреден одговор, иако не исклучи таков исход.
Побуна на невладините
Законот предвидува и легализирање на дивоградби во заштитени подрачја, како национални паркови, природни резервати, споменици на природата, подрачје на заштитено недвижно културно наследство, а сопствениците на дивоизградените објекти за легализацијата ќе треба да платат за 50 отсто поскапи комуналии од она што би го платиле ако имале дозвола за градба.
Од граѓанската иницијатива „О2“ предупредуваат дека со новиот закон наместо да се стави крај на урбаното дивеење и конечно решавање на проблемот со дивоградбите, се урива функционирањето на правната држава.
„Од хациенди, базени, доградби, надградби, гаражи, остави, во заштитени подрачја и надвор од нив, насекаде, онаму каде што првиот закон застана, на 3.3.2011, сега сè ќе се легализира со новиов закон каде што рокот е кога ќе стапи во сила. Значи, има уште време да си доизградите на диво пред да поднесете барање да ви се легализира. Ова на предлог на ВМРО-ДПМНЕ се додаде и се усвои, инаку ќе беше за дивоградби изградени до 1.10.2019. Со овој закон се запираат сите постапки за рушење дивоградби и сите поврзани управни и судски постапки. Да, тоа значи и ако има кривични пријави, и тие се стопираат. Пратениците од Комисијата за транспорт, врски и екологија, со исклучок на пратеничката на ДОМ, само пред неколку дена усвоија и измена со која законов нема рок на важење од 7 години, туку ќе важи додека сите постапки не се завршат, колку и тоа долго да трае. Истовремено и на стариот закон, чија важност истече на 3.3.2021, му го тргнаа рокот на важење, па и тој е на сила до недоглед“,
реагираат од иницијативата „О2“.
ДОМ не гласаше, иако е дел од мнозинството
Законот беше поддржан од мнозинството пратеници од власта и опозицијата, со исклучок на ДОМ, од каде што реагираа дека со продолжување на овие рокови се праќа индиректна порака до граѓаните дека може да градат на диво без да имаат градежна дозвола.
„Тоа не е добра порака, мора да ставиме крај на бесправното градење. Ако може некој нелегално да гради, тогаш која е целта на носење просторни планови, генерални и детални урбанистички планови, мислам дека ова навистина не е добро“,
изјави Маја Морачанин од ДОМ.
Од Законот се исклучени дивоградбите во границите на Охридскиот Регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на светското природно и културно наследство, како и дивоизградени станбени згради и дивоизградени доградби и надградби на станбени згради.