„Сите сме Самуел. И ние сме наставници. И не сакаме да нè убиваат само затоа што си ја вршиме нашата работа“, се дел од пораките кои ги испратија илјадници демонстранти кои денеска се собраа во Париз во знак поддршка и солидарност со наставниците по убиството на Самуел Пети – наставникот од предградие на француската престолнина кој беше обезглавен во петокот.
Плоштадот на Републиката го наполнија демонстранти кои носеа транспаренти на кои пишуваше „Јас сум наставник“ (Je suis prof) и „Јас сум Самуел“ (Je suis Samuel).
На протестот, како што пренесуваат француските медиуми, се обратиле голем број говорници, водачи на синдикалните организации на наставниците и учениците.
„Не сакаме да нè убиваат само затоа што си ја вршиме работата. И ние сме од предградие. Онаму каде што живееме не се разликува многу од местото каде што живееше Самуел. Одбиваме да се плашиме од одењето на работа“,
рекла една од наставничките која имала свое обраќање.
Самуел беше обезглавен откако на час по историја на учениците им покажувал карикатури од пророкот Мухамед. Полицијата го идентификуваше неговиот убиец како 18-годишно момче од Чеченија. Тоа почина откако беше застрелано од полицијата, а потоа беа уапсени уште десетина лица.
Демонстрантите денеска порачаа дека тоа што го правел Самуел било учење на децата на слобода на говор.
„Настанот ме разбесни. Прво почувствував шок, а потоа и бес … Ова не може да продолжи. Пети само ги учеше своите ученици да го разберат значењето на слободата на изразување. Тој беше убиен за тоа“,
изјавила една од присутните на протестот за „Франс24“.
Покрај во Париз, протести имаше и во Лион, Тулуз, Стразбур, Марсеј и Бордо.
Претседателот Емануел Макрон вчера го осуди убиството и порака дека терористите нема да ја поделат Франција. Обезглавувањето на наставникот тој го оквалификува како „исламистички тероризам“.