Законот за тутун постигна своевиден рекорд во овој собраниски состав, затоа што беше усвоен со дури 88 гласа „за“, додека за другите закони од денешната агенда на мнозинството му недостигаа два гласа
Координаторот на СДСМ најави дополнителни координации со Џафери за надминување на блокадите во функционирањето на Собранието што ги прави опозицијата
Поради отсуството на еден пратеник од СДСМ и уште двајца од пратеничката група на оваа партија, во парламентот повторно немаше кворум за одлучување. Затоа е откажано изјаснувањето за законите од 34. пленарна седница, за кои спикерот Талат Џафери, минатата седмица, го одложи гласањето за денешниот датум откако заврши расправата за нив.
Една пратеничка и уште еден пратеник од ПГ на коалицијата „Можеме“ се позитивни на ковид-19, додека третиот пратеник, кој е од редовите на СДСМ, имал висока температура и се тестирал на коронавирус, ама резултатите што ги добил во текот на денот, според информациите, се негативни.
Иако денеска, според информации на „360 степени“, во пленарната сала пристигнале сите други 59 пратеници од владејачките СДСМ, ДУИ, Беса…, поради отсуството на тројцата пратеници, недостигаа два гласа за обезбедување кворум за одлучување, во ситуација кога опозицијата повторно не влезе на седницата. Меѓу пратениците што се појавија на денешната прва седница бил и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но и пратеникот Изет Меџити, кој вчера го информираше собранискиот спикер дека се повлекува од координатор на ПГ на интегративците.
Затоа, пак, нешто подоцна се исполнија речиси сите редици во пленарната сала, кога почна вториот ден од расправата за Законот за тутун, поднесен од група пратеници. Дискусијата за ова решение денеска траеше подолго од два часа, а Законот беше донесен дури со 88 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“.
Во меѓувреме, во изјава за медиумите, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, најави координација со спикерот Џафери за надминување на проблемите со кворумот поради, како што рече, очигледната блокада на Собранието во режија на опозицијата.
„Опозицијата не влегува во салата ако мнозинството нема 61 пратеник, а паралелно ги блокира измените на Деловникот за да се воведе можност за онлајн одлучување. Тоа е исклучиво во функција на кочење на работата на Собранието. Што се однесува до албанската опозиција, имаме контрадикторна ситуација што мислам дека не е видена досега во парламентот, така што опозицијата предлага закон за државјанство, а ‘другата’ опозиција го блокира со амандмани. Значи, тие што се претставуваат како коалиција и што најавуваа ново мнозинство се блокираат меѓусебно, а на крај е блокирано Собранието. На крај ќе мораме да разговараме со претседателот на парламентот, дали на вонредни или на редовни координации, затоа што ова вака веќе не може да оди“,
рече Митревски.
Спикерот Џафери пред извесно време го повлече од дневен ред својот предлог за измени на Деловникот, со цел да се овозможи пратеници кои се позитивни или се во изолација поради ковид-19 да може да се вклучат онлајн во работата на парламентот. Предлогот не беше прифатлив за опозицијата, а Џафери го повлекол откако беа формирани работни групи од сите парламентарни партии за продолжување на разговорите за потемелни измени на Деловникот – прашање за кое се водеше дијалог и во претходниот собраниски состав, во рамки на процесот „Жан Моне“, кој е под покровителство на Европскиот парламент.