Поради тоа што денеска во салата немаше 61 пратеник, спикерот Талат Џафери го одреди 9 март како датум кога ќе се гласаат законите од 34. седница
Во Собранието продолжи денеска 34. пленарна седница, која вчера беше прекината откако заврши гласањето по првата точка на дневниот ред – барањето на премиерот Зоран Заев за гласање доверба на неговата влада.
Но, за разлика од вчерашниот старт на седницата, кога во салата, првпат по подолго време, беа сите 62 пратеници од мнозинството, денеска сите следни закони од дневниот ред за кои заврши расправата останаа за гласање следната седмица.
Поради тоа што во салата немаше 61 пратеник од мнозинството, спикерот Талат Џафери го одреди 9 март како датум кога ќе се гласаат законите од 34. седница за кои денеска заврши расправата или ќе заврши во попладневните часови. По сугестија на опозицијата, Џафери се согласи да одреди термин кога ќе се реализира гласањето што денеска беше одложено.
Затоа, пак, вчера, откако беше потврдена довербата во владиниот кабинет, ситуацијата беше многу поинаква. Во присуство на сите пратеници од мнозинството, на големо се носеа закони од шест стари седници, чии продолженија Џафери ги закажа вчера попладнето, пред Заев да го соопшти барањето за гласање доверба на неговата влада.