Според гласањето на 8 мај, Коалицијата „Европски фронт“ требаше да добие девет пратенички мандати во изборната единица 6. Деветта по ред на кандидатската листа на „Европскиот фронт“ е Фатмире Исаки од Демократската партија на Албанците (ДПА). По вчерашното прегласување, таа го загуби своето пратеничко место во Собранието
По вчерашното прегласување на парламентарните избори во шестата изборна единица, која го опфаќа северозападниот регион од земјава, доминантно населен со албанско население, се случи мала, но значајна промена во освоените мандати на коалициите на партиите на Албанците. Коалицијата „Вреди“ доби, а коалицијата „Европски фронт“ изгуби еден пратеник во „шестката“ по вчерашното повторено гласање.
Сега и двете коалиции имаат по осум пратенички мандати во оваа изборна единица.
Кој доби, а кој изгуби пратеничко столче?
Според првичното гласање на изборите на 8 мај, од вкупно освоени 19 пратеници, коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ требаше да добие девет пратенички мандати во Изборната единица 6. Деветта по ред на кандидатската листа на „Европскиот фронт“ е Фатмире Исаки од Демократската партија на Албанците (ДПА).
Таа беше една од двата пратеника од ДПА, кои покрај лидерот Мендух Тачи, требаше да бидат дел од новиот парламентарен состав. Но, по вчерашното прегласување, таа го изгуби своето пратеничко место во Собранието.
За сметка на Фатмире Исаки, коалицијата „Вреди“ доби еден пратеник плус.
Според пратеничката листа на „Вреди“ објавена на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК), како осми пратеник во Собранието од редовите на коалицијата влегува Имрлије Салиу-Фетаи од Алтернатива.
Но, формалниот влез на Имрлије Салиу-Фетаи во Собранието, значи дека речиси сигурно пратеник ќе стане и деветиот кандидат на листата на „Вреди“ во „шестката“. Станува збор за Андан Азиси, кадар на Беса.
Ваквиот развој на настаните е очекуван поради изјавата на претседателот на Беса, Билал Касами, дека ќе ја задржи градоначалничката функција и дека нема да биде пратеник, што значи дека пратеник ќе стане следниот кандидат на листата на „Вреди“, кој во случајот е Азиси.
Азизи се обрати на вчерашната прес-конференција во село Ларце, Желино, која ја држеа претставници на коалицијата „Вреди“, а на која објавија дека добиле еден пратеник повеќе за сметка на „Европскиот фронт“.
„Европскиот фронт“ падна на 18, „Вреди се искачи на 14 пратеници
Вчерашното прегласување на парламентарните избори во изборната единица 6 ја намали разликата на освоени мандати на двете коалиции кои ги претставуваат Албанците во државата. Коалицијата „Вреди“ сега ќе има 14 претставници во парламентот, односно еден повеќе од освоените 13 мандати на изборите на 8 мај, а коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ падна од 19 на 18 пратенички места.
„Во изборната единица 6, коалиција ‘Европски фронт’ има освоено вкупно 53 731 глас, односно осум мандати, а коалицијата ‘Вреди’ 47 849 гласа или осум мандати“,
соопшти претседателот на ДИК, Александар Даштевски, на синоќешната прес-конференција.
И по вчерашното прегласување, Демократската унија за интеграција остана на освоени десет мандати, а останатите осум ќе им припадната на останатите партнери во коалицијата.