Агенцијата, и сега како пракса, и утре како закон, вели дека тука ниту еден не може да биде вработен на било кое место, а да нема безбедносен сертификат, и тоа со највисок степен, вели шефот на државата
Во последниве неколку месеци, ние ја обновивме соработката на комплетно оперативно ниво со трите најмоќни разузнавачки сервиси во светот, рече Пендаровски, зборувајќи за состојбите во Агенцијата за разузнавање
Претседателот Стево Пендаровски во интервју за „360 Степени“ оцени дека состојбите во Агенцијата за разузнавање (АР) се стабилизирани откако е поставено новото раководство. Според Уставот, директорот на Агенцијата го именува шефот на државата и на таа позиција по изборот на Пендаровски за претседател, е Еролд Муслиу, долги години вработен во оваа институција.
„Мислам дека се стабилизираа состојбите по првите уходавања на новото раководство, имаше и јавни прозивки, мислам дека таа работа се смири“,
вели Пендаровски.
Тој одговараше и на прашање во однос на одредени вработени во Агенцијата кои беа често споменувани во јавноста, последно откако техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев кој доаѓа од Агенцијата, повлече дел од вработените од АР во МВР, а за други не успеа.
„Се што е низ процедура, тука не можам да се мешам. Ако има судска процедура, дали за 27 април, дали за Диво насеље итн, тоа се други работи. Меѓутоа, немешајќи се во судските процедури кои се во тек, не знам кој од нив е евентуално зафатен во тие процедури, можам да ви кажам дека двајца од луѓето кои ги споменувавме и минатиот пат, повеќе не се припадници на Агенцијата за разузнавање, не затоа што е судски така решено, туку затоа што не добија безбедносен сертификат. Сега, како членка на НАТО критериумите се многу поригорозни од порано. Од мене почнуваќи па до сите други, па и до Вас како новинар од земја членка на НАТО, ако пробате да влезете во седиштето на НАТО, нема така лесно како некогаш да добивате и нема да имате пристап баш секаде. Значи, на двајца од нив овие денови мислам дека им престанува работниот однос поради тоа што не добија сертификат од Агенцијата за национална безбедност, која е надлежен домашен орган за таа работа, се разбира, засилена со луѓе од Канцеларијата за безбедност на НАТО“,
вели Пендаровски.
Еден од двајцата отпуштени вработени што ги споменува Пендаровски е Синиша Алексовски, советникот за национална безбедност на поранешниот претседател, Ѓорге Иванов.
Пендаровски вели дека се работи за правило воведено од НАТО и дека Агенцијата подготвува и нов закон, кој не може да помине во Собранието поради актуелната ситуација и се очекува да се најде на дневен ред на новиот парламентарен состав.
„Агенцијата, и сега како пракса, и утре како закон, вели дека тука ниту еден не може да биде вработен на било кое место, а да нема безбедносен сертификат, и тоа со највисок степен“,
вели Пендаровски.
Пендаровски вели дека е задоволен од начинот на кој Еролд Муслиу ја води Агенцијата.
„Ако паметите, јас минатата година кога објаснував зошто него сум го ставил, реков дека освен неговите професионални референци кои ми беа познати, бидејќи долги години сум бил дел од тој безбедносен апарат, добив многу позитивни референци за него и од нашите стратешки партнери. Без да именувам, во последниве неколку месеци, ние ја обновивме соработката на комплетно оперативно ниво со трите најмоќни разузнавачки сервиси во светот. Не велам дека само заради него е тоа, меѓутоа тие разбраа дека Агенцијата за разузнавање не е партиски сервис на партијата на власт, дека работи професионално и само така се решија да повратат дел од својот персонал во регионот и кај нас“,
вели Пендаровски.
Тој вели дека претходно соработката била прекината од 2014 година.