Синиша Алексовски, кој до неодамна беше дел од Агенцијата за разузнавање, денеска бил повикан во полициската станица Центар на информативен разговор, потврдија од МВР.
„Денеска С.А. беше повикан на информативен разговор во ПС Центар во врска со неовластено снимање на возилото на висок државен функционер кај Порта Македонија. Известен е јавен обвинител при што е констатирано дека нема елементи за понатамошно постапување“,
велат од МВР за „360 степени“.
Влегувањето на Алексовски во полициската станица попладнево го „улови“ новинарската екипа на порталот „А1он“.
Алексовски е кадар од Агенцијата за разузнавање за кого министерот Наќе Чулев бараше да го преземе во МВР, но не доби согласност од дополнителната заменик-министерка, Славјанка Петровска.
Алексовски беше дел од тимот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов и секретар на Советот за безбедност во тоа време, а неодамна, заедно со уште еден вработен, беа отпуштени од Агенцијата за разузнавање.
За преземањата на кадрите од Агенцијата на барање на Чулев, кој претходно исто така беше дел од оваа институција, како и за отпуштањето на вработените, не споменувајќи имиња, во петокот во емисијата „360 степени“ зборуваше и претседателот Стево Пендаровски.
„Се што е низ процедура, тука не можам да се мешам. Ако има судска процедура, дали за 27 април, дали за Диво насеље итн, тоа се други работи. Меѓутоа, немешајќи се во судските процедури кои се во тек, не знам кој од нив е евентуално зафатен во тие процедури, можам да ви кажам дека двајца од луѓето кои ги споменувавме и минатиот пат, повеќе не се припадници на Агенцијата за разузнавање, не затоа што е судски така решено, туку затоа што не добија безбедносен сертификат. Сега, како членка на НАТО критериумите се многу поригорозни од порано“,
рече Пендаровски.