Од Синдикатот велат дека доколку се случи неоснована преправка на платите, СКРМ ќе поднесе кривични пријави до директорите за непочитување на колективните договори и законите, иако во конкретниот случај се најмалку виновни, но се највеќе одговорни
Од Министерството за култура и туризам, пак, попладнево информираа дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два работни дена следната недела

Сузбивач на правата на вработените во културата – вака Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) го нарекуваат министерот за култура Зоран Љутков откако овој месец останаа без исплатена мартовска плата.
ОД СКРМ велат дека се разочарани од министерот кој „од позиција на член активно ја поддржуваше политиката на СКРМ за почитување на Колективните договори, но кој од позиција на министер стана вистинскиот трагичар во културата“.
Неисплатените мартовски плати поради, како што наведуваат, ненавременото усогласување со минималната плата согласно одредбите од Колективниот договор за култура и со Општиот колективен договор, се причина за во вторник СКРМ да одржи протестен Совет во проширен состав кој ќе почне во 12 часот пред Министерството за култура.
„Според Колективниот договор за култура платата требаше да се исплати до 10-ти во месецот, а според законите во Република Македонија до 15-ти. Вчера беше 17-ти и последен работен ден пред продолжениот викенд во очи на најголемиот христијански празник Велигден, а плата за сите културни работници немаше“,
се наведува во соопштението од СКРМ.
Од Синдикатот велат дека доколку се случи неоснована преправка на платите, СКРМ ќе поднесе кривични пријави до директорите за непочитување на колективните договори и законите, иако во конкретниот случај се најмалку виновни, но се највеќе одговорни.
„Членството на СКРМ ќе поднесе индивидуални тужби до институциите за неисплата на платите согласно Колективните договори, ќе поднесе индивидуални тужби до институциите за парично побарување за задоцнето исплаќање на платите за изминатите три години, кое според Колективниот договор за култура е 10-ти во месецот“,
додаваат од СКРМ.
Оттаму додаваат дека ќе ги информираат странските амбасади и претставништва, особено на Европската Унија и на САД, за кршење на загарантираните уставни и работнички права во Република Македонија.
Исто така, велат дека уште веднаш ќе се обратат до сродните синдикати од Европа и САД и ќе побараат нивно инволвирање во процесите на кршење на правата на вработените во културата.
За понатамошните чекори од СКРМ велатдека дополнително ќе одлучуваат во зависност од ситуациите и истите транспарентно ќе ги објават.
Од Министерството за култура и туризам, пак, попладнево информираа дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два работни дена следната недела, согласно Законот и Колективниот договор.
Причините за доцнењето, како што додаваат од Култура, се заради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финанасии.
За немањето плата за вработените во културата, денеска реагираа и од СДСМ од каде рекоа дека вработните во јавниот сектор заслужуваат да знаат, зошто не им е исплатена платата и кој ќе сноси одговорност за тоа.
Потпретседателката на СДСМ Кристина Костова рече дека освен вработените во културата, без плата за Велигден се оставени и вработените во Центрите за социјална работа, работниците во Државниот трудов инспекторат, Државниот пазарен инспекторат, во Министерство за економија.