Од Синдикатот ѝ препорачуваат на Владата, државните органи да вршат набавки само од домашни компании кои не ја злоупотребиле помошта и не отпуштале работници неосновано
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бара да продолжи финансиската поддршка за исплата на плати. Смета дека петтиот пакет мерки треба да биде насочен кон зачувување на работните места и заздравување на економијата со цел полесно надминување на кризата.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, на денешната седница на Економско-социјалниот совет рече дека мора да продолжи владиното субвенционирање на платите и во петтиот пакет бидејќи се доведуваат во ризик работните места во погодените сектори.
„Субвенционирањето на платата да продолжи онаму каде што производството е намалено како што е утврдено и со четвртиот пакет мерки, но да се исплаќа директно на сметките на работниците, работниците кои користеа мерки, како хронично болните, бремени жени, чување на дете до 10 години, да бидат во висина на нивната плата, без нејзино намалување и истовремено да се води грижа и за мајките кои користеле породилно отсуство, а им престанал договорот за вработување по кој било основ, како и да имаат право на платено на породилно отсуство“,
ѝ предлагаат од ССМ на Владата.
Од останатите предлози се и оние што се отсутни од работа поради зараза од коронавирусот, изолација и самоизолација да ја добиваат целата плата, како и тоа државните органи сите набавки да ги прават од домашните компании кои не отпуштиле неосновано работници и не ја злоупотребиле финансиската поддршка за исплата на платите.