Симулацијата на мандати се однесува на обработени 95,27% од избирачите
Во апсолутни бројки, останува да се обработат уште околу 86 000 избирачи. Тоа значи дека треба да се распределат меѓу 45 000 и 50 000 гласа, имајќи ја предвид излезеноста од 55,29%
ВМРО-ДПМНЕ останува на бројката од 59 освоени мандати на парламентарните избори и по обработени 95,27% од избирачите. Ова го покажува симулацијата на Државната изборна комисија, која е резултат на податоците за гласањето во шесте изборни единици во земјава.
ВМРО-ДПМНЕ имаше ист број од 59 мандати и на пребројани 85,66% од гласовите
СДСМ загуби еден пратеник за сметка на ДУИ
За разлика од претходниот извештај на 85,66 обработени избирачи, СДСМ загуби еден пратеник во изборната единица 5. Тоа место го доби нивниот досегашен коалиционен партнер ДУИ. Така што, интегративците сега се втора сила во Собранието со 19 мандати. СДСМ, по ново, има 18 мандати, односно помалку пратеници од интегративците. Тоа не е така и во апсолутни бројки, бидејќи СДСМ и коалицијата досега имаат 146 016 гласа наспроти 133 893 гласа на ДУИ и коалицијата околу нив. Но, гласовите на ДУИ се подобро концентрирани по изборни единици.
Втората најголема опозициска групација, коалицијата „Вреди“, ќе има 13 пратници, покажува проекцијата од досега обработените избирачи.
Левица подобра од ЗНАМ
Последните два субјекта кои добиваат столче во Собранието се Левица и ЗНАМ. Според сегашните резултати, Левица има 6 пратеници. ЗНАМ треба да се надева на 5 мандати.
Во апсолутни бројки, Левица досега има 64 727 гласови што е многу подобар резултат од оној кој пред две недели го постигна нивната кандидатка за претседателка, Билјана Ванковска Цветковска, која освои 41 331 глас.
Сосема спротивен е епилогот кај ЗНАМ. На парламентарните избори тие досега имаат 50 771 глас. Тоа е многу помалку од 83 855 гласа кои ги доби Максим Димитриевски како претседателски кандидат на ЗНАМ пред две недели.