Не планираме ново одложување на пописот. Нормално, сè ќе зависи од состојбата со пандемијата, но со оглед на последните информации не очекуваме дека во септември ќе имаме пик како што имавме во март и во април, вели во интервју за „Утрински брифинг“ директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
„Она што сигурно ќе направиме е да ги почитуваме сите мерки на заштита, односно ќе се однесуваме во пописот како да е најголемиот пик на заразата, почитувајќи ги сите мерки. Од тој аспект, населението не треба да биде загрижено. Во септември очекуваме да биде убаво времето, и дел, каде што има можност, пописот да го правиме на отворено… Очекуваме и дека добар дел од граѓаните ќе бидат вакцинирани. Обезбедени се вакцини за нашиот персонал“,
изјави Симовски.
Симоновски не очекува дека пописот ќе регистрира повеќе од 1,5 милион жители во државата бидејќи, како што вели, трендот на иселување е загрижувачки. Тој посочи дека само во Германија живеат над 130 илјади наши сограѓани, а секое трето новороденче се раѓа во странство.
„Јас никогаш не сум кажал дека тврдам дека сме толку, туку дека се плашам. Она што сите нè загрижува е дека голем број луѓе ни се отселуваат. Показателите што ги прибираме со статистичките истражувања во однос на раѓањата укажува дека имаме континуиран пад на раѓањата дома, додека расте на раѓањето во странство. Сето ова укажува дека добар дел од нашата популација е иселена од државата. Оттука е и мојот страв дека бројките на населението се помали. Податоците што ги гледав се запрепастувачки. Податокот од германскиот статистички завод е дека до крајот на 2020 година во Германија имаме 128.000 македонски државјани кои престојуваат таму, со одобрение за престој. Тоа е огромна бројка. Не знаеме колкав е бројот на наши лица кои потекнуваат од Македонија, а имаат германско државјанство, бидејќи Германците не дозволуваат двојно државјанство, но исто така немаме податок колку наши државјани отишле таму со бугарски пасош, бидејќи ги сметаат како бугарски државјани, а таква бројка е преку 300.000. Само овој податок ќе ве замисли. Каде се останатите европски земји, прекуокеанските земји итн. Од она што сега го прибираме со самопопишувањето во странство, верувајте ми дека нема точка на Земјината топка каде што немаме наши државјани“,
вели Симовски.