Италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри денеска истакна дека за Северна Македонија сега започнува патот кон Европската Унија. Тој вели дека се поддржуваат историската и јазичната посебност.

„Сега започнува патот кон заедничкиот европски дом, пат до кој како Италија сме подготвени да соработуваме и на билатерално ниво, преку иницијативи како оваа, кои ќе го олеснат запознавањето со нашиот општествено-политички систем, како и од другата страна, подлабоко разбирање на македонското општество, на неговиот длабоко вкоренет идентитет и неговата посебност, вклучително и историска и јазична“,
изјави италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри.
Ова, Силвестри го изјави на денешното потпишување на Договорот за соработка и размена на информации меѓу Медиумската Информативна Агенција – МИА и италијанската АНСА. Потпис на договорот ставија директорите на МИА и АНСА, Драган Антоновски и Стефано Пиеро Карло Де Алесандри во присуство на амбасадорите од двете земји Весел Мемеди и Андреа Силвестри.
