Претходно воените сили на САД и Велика Британија извршија заеднички напади во саботата, по кој хутите излегоа со објава дека ќе одговорат на ваквите акции кои, како што изјавија нивни претставници, нема да ги одвратат од натамошни напади на бродови во Црвеното Море
Соединетите Американски Држави извршија нов напади врз позиции на хутите во Јемен, потврди Централната команда на американските сили (Сентком), јавуваат светските медиуми.

Според објавата на Централната команда, американските сили целелe и погодиле противбродски балистички ракети, меѓу кои биле и четири противбродски ракети подготвени да гаѓаат бродови во Црвеното Море.
Последната акција доаѓа еден ден по заедничките американско-британски напади врз цели на хутите во Јемен.
Нападите на двете земји, поддржани од уште неколку сојузнички држави, почнаа како реакција и одговор на континуираните напади на милитантната религиозна група, која, пак, е поддржана од Иран, врз воени и трговски бродови во Црвеното Море.
Претходно воените сили на САД и Велика Британија извршија заеднички напади во саботата, по кој хутите излегоа со објава дека ќе одговорат на ваквите акциите против нив кои, како што изјавија нивни претставници, нема да ги одвратат од натамошни напади на бродови во Црвеното Море.
„Овие напади нема да не одвратат од нашиот морален, верски и хуманитарен став за поддршка на палестинскиот народ во Појасот Газа и нема да останат неказнети и неодговорени“,
рече воениот портпарол на хутите, Јахја Сареа.
Претходно Белата куќа предупреди дека воздушните напади врз цели поддржани од Иран и Сирија се само почеток, но не и крај на американскиот одговор на Иран.
Советникот за национална безбедност Џејк Саливан за американските медиуми вчера изјави дека ќе следуваат повеќе вакви акции.
Нападите на САД се и одговор минатонеделниот напад со беспилотно летало врз воена база во Јордан, во кој загинаа тројца американски војници.
Иран негира каква било вмешаност во овој напад, додека милитантната група Исламски отпор во Ирак ја презеде одговорноста за чинот.
Сепак, САД се сомневаат и го обвинуваат Техеран дека овие и слични групи се финансирани и вооружени директно од Иран, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Ентони Блинкен, треба да пристигне на Блискиот Исток, што е негова петта турнеја низ регионот од почетокот на октомври, кога започна конфликтот меѓу Израел и Хамас.

Како што пренесува Би-би-си, се очекува во следните пет дена тој да ги посети Саудиска Арабија, Египет, Катар и Западниот Брег.
Пред неговото патување, Блинкен повика на итно решавање на хуманитарната ситуација во Газа.
Локалните и меѓународните хуманитарни групи постојано повикуваа на прекин на огнот поради разорното влијание на бомбардирањето на Израел врз опколената палестинска енклава.
Посетата на Блинкен доаѓа и по американските воздушни напади врз силите поддржани од Иран во Ирак, Сирија и Јемен.