Рокот за доделување на мандатот за состав на идната влада истекува на 7 јуни годинава. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверување на мандатот треба до Собранието да го достави составот на идната влада, како и нејзината програма. Собранието, пак, ја избира Владата на предлог на мандатарот и врз основа на програмата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници
Веројатно в четврток претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе му го додели мандатот за формирање нова влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, иако рокот за доставување на мандатот истекува на 7 јуни (петок). Потоа почнува да течат дваесетте дена за формирање влада.
Ова и денеска го посочи претседателката Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на панел-дискусијата „Европската Унија како предизвик и предизвиците на Европската Унија: Европа 74 години после Шумановата декларација” во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Европското движење велејќи дека не ја исклучува можноста пред завршувањето на последниот рок да го додели мандатот за состав на новата влада, но дека, според неа, можно е тоа да се случи и порано.
„Да, Уставот вели 10 дена и потоа 20 дена за состав на владата. Можно е и порано, но јас гледам, како што реков сите елементи да ги проучам за да можам да постапам според Уставот“,
рече таа.
Дека мандатот за состав на Владата ќе биде доделен во текот на оваа недела, имаше најава и минатата недела од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Инаку, рокот за доделување на мандатот за состав на идната влада истекува на 7 јуни годинава. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверување на мандатот треба до Собранието да го достави составот на идната влада, како и нејзината програма. Собранието, пак ја избира Владата на предлог на мандатарот и врз основа на програмата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ сè уште разговараат за формирање на новата влада, иако поделбата на ресори веќе е објавена, а неофицијално се споменуваат и имиња на новите министри.
Во распределбата на министерските позиции, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како победничка на парламентарните избори, добива најмногу – 13 ресори. На нејзино конто одат клучните места поврзани со безбедноста и надворешната политика – Министерството за внатрешни работи.
Според анализата на „360 степени“, 24 фотелји ќе бидат потребни за седниците на новата влада чие составување се ближи кон финиш. Главното место ќе биде за идниот премиер. Во 20 фотелји ќе седнат новите министри кои ќе предводат конкретен ресор. Трите преостанати места се за министрите кои ќе немаат ресор. Така ќе изгледа првата влада на Христијан Мицкоски – со 20 министри со ресор и тројца без ресор.
Според партиски најави, новата влада треба да биде избрана и да стапи на должност до 20 јуни.