Од денеска тече дваесетдневниот рок за формирање нова влада. Мандатарот Мицкоски вчера изјави дека очекува новата влада да биде формирана пред крајниот рок, а по одбележувањето на годишнината на партијата на 17 јуни
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска му го додели мандатот за формирање влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чија партија на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај освои 58 мандати.
Сиљановска-Давкова, повикувајќи се на уставните рокови и фактот дека претседателот на Собранието, Африм Гаши беше избран со 76 гласови, изрази уверување дека Мицкоски може да формира влада и затоа, како што нагласи, му го доверува мандатот.
Од денеска тече дваесетдневниот рок за формирање нова влада. Мандатарот Мицкоски вчера изјави дека очекува новата влада да биде формирана пред крајниот рок, а по одбележувањето на годишнината на партијата на 17 јуни.
ВМРО-ДПМНЕ за формирање нова влада води разговори со коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ. Поделбата на ресорите е веќе позната, а имињата сè уште не се соопштуваат официјално.
Мицкоски вчера до Собранието поднесе предлог-закон за измена и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа по скратена постапка, со што најави дека следниот период очекува да се направи реорганизација на определен број министерства во рамките на самата влада.
Тој ги повика сите пратеници во парламентот да ги поддржат измените на овој закон зашто, според него, на тој начин ќе покажеме дека не живееме во стереотипи и имаме една цел – како да направиме подобро место за сите граѓани во државата.
Со овој нов закон, според Мицкоски, се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број министерства во рамките на самата влада, па така, реорганизација ќе се направи на Министерството за економија, кое ќе стане министерство за економија и труд, а сегашното Министерство за труд и социјална политика ќе биде министерство за социјална политика, демографија и млади. Ново ќе биде министерството за спорт, како и министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Мицкоски најави и министерство за култура и туризам, министерство за дигитализација, како и ново министерство за администрација.
За в петок во 11 часот е закажана собраниската седница на која на дневен ред е предлог-законот за измена и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа по скратена постапка.