По свечениот пречек, претседателките заминаа на тет-а-тет средба, по која ќе следува пленарен состанок на македонската и индиската делегација и заедничка прес-конференција на Сиљановска-Давкова и Мурму
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претпладнево со највисоки државни и воени почести во својот кабинет ја пречека претседателката на Индија, Друпади Мурму, која е во официјална посета на земјава.

По свечениот пречек, претседателките заминаа на тет-а-тет средба, по која ќе следува пленарен состанок на македонската и индиската делегација и заедничка прес-конференција на Сиљановска-Давкова и Мурму.

Во рамки на посетата, предвидено е индиската претседателка да го посети и да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Мурму ќе оствари средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а ќе има обраќање и пред пратениците во македонскиот парламент.
Претседателката на Индија заедно со својата домаќинка Сиљановска-Давкова ќе се обрати и на македонско-индискиот бизнис форум што попладнево ќе се одржи во Скопје. На вториот ден од официјалната посета, претседателките ќе ги посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје и ќе се обратат на церемонија на откривање на биста на Махатма Ганди. Оттука ќе се упатат кон Охрид, каде што е најавено дека ќе го посетат манастирскиот комплекс Свети Наум, како и манастири и цркви во стариот град на Охрид.
Претседателката на Индија, Друпади Мурму, вчеравечер пристигна во најавената официјална посета на земјава, а на скопскиот аеродром ја пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
