Само преку разбирање, заемно уважување и култура на почит, додава претседателката во честитката, различностите можат да бидат предност, а не слабост, да станат мост, а не препрека, да прераснат во единство, надминувајќи ги поделбите
Претседателка Гордана Сиљановска-Давкова им го честита Курбан Бајрам на сите верници од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф, посакувајќи им да го поминат во мир, радост и семејна благосостојба.

Сиљановска-Давкова во честитката во верниците вели дека Курбан Бајрам, преку својата длабока симболика на дарување и пожртвуваност, упатува на вредности важни за моралната зрелост на заедницата – човечноста, емпатијата, солидарноста и одговорноста кон другиот.
„Токму во способноста да се зачуваат и да се изразат љубовта и грижата за ближниот, дури и во мигови на разлики и предизвици, се препознава и се мери интегрираноста на општеството. Само преку разбирање, заемно уважување и култура на почит, различностите можат да бидат предност, а не слабост, да станат мост, а не препрека, да прераснат во единство, надминувајќи ги поделбите. Во свет обременет со неизвесност, недоверба, отуѓеност и ослабено чувство на заедничка припадност, големите празници имаат силна духовна димензија и моќ“,
пишува претседателката во честитката до верниците.
