Платите на функционерите од јануари 2025 година треба повторно да се зголемат согласно растот на годишната просечната плата, која е основица за пресметување

Зголемување на функционерските плати од идната година нема да има, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Едно е сигурно, покрај една друга работа дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, е дека од догодина нема да има зголемување на платите на функционерите“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање пред обраќањето на конференцијата на Блумберг Адрија на тема „Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“.
Платите на функционерите од април минатата година пораснаа за 78 отсто, откако Уставниот суд оцени дека постои неусогласеност со Уставот, односно дека се повредува владеењето на правото.
Одлуката од Уставен ја образложија со тоа дека во истиот закон постоело двојство, контрадикторни одредби коишто доведувале до нејасна и збунувачка примена.
„Членот 4 и членот 1, коишто сега се веќе укинати, предвидуваа фиксна основица од 26 755 денари, додека од друга страна, членот 11 предвидува дека пресметката на плата се прави според множење на коефициентот со просечната плата којашто била исплатена во текот на минатата година“,
рекоа тогаш од Уставен суд.
Во однос на тоа зошто не е укинат членот 11, туку членовите 4 и 1, Беловска рече дека тој член не бил оспорен, туку единствено оспорени биле двата члена кои се укинати, како и дека членот 11 е основен и ниту еднаш досега не бил менуван, за разлика од членот 4 и членот 1, кај кои во минатото е интервенирано 15 пати.
Со ваквата одлука како основа за пресметка останува само годишната просечна плата која секоја година расте, а со неа треба да се зголемуваат и функционерските плати.
Во февруари годинава во Собранието беа изгласани измени на шесте закони со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните лица.
Со изгласувањето на овие измени нема да биде одземено покачувањето од 78 отсто на платите што пред една година го добија функционерите. Законите предвидуваат намалување на коефициентот кај првите три функции во државата претседател, спикер и премиер од 4,50 на 3,92. Кај пратениците коефициентот ќе биде од 3,04 до 3,92, додека кај министрите коефициентот 3,70 се намалува на 3,22.
Платите на функционерите од јануари 2025 година треба повторно да се зголемат согласно растот на годишната просечната плата, која е основица за пресметување и тоа од околу 330 евра за највисоките функционерски плати за премиерот, претседателот и спикерот, до околу 130 евра за најниските.