За нивната пожртвуваност им се заблагодарил директорот Стојанче Ангелов кој им доделил и пригодни благодарници
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека денеска си заминуваат пилотите и другиот воздухопловен персонал од Кипар што помагале во гаснењето на пожарите низ Македонија.
За нивната пожртвуваност им се заблагодарил директорот Стојанче Ангелов кој им доделил и пригодни благодарници.
Кипарскиот тим учествуваше во гаснењето на пожарите летајќи со два противпожарни авиони „ертрактор“.
„Утрово, директорот на ЦУК, Ангелов ги испрати пилотите и другиот воздухопловен персонал – тим за двата ПП авиони ‘ертрактор’ од Кипар, коишто помогнаа до максимум според можностите и на персоналот и според техничките можности на воздухопловите во справувањето со пожарите од поголеми размери во Македонија. Притоа искажа голема благодарност за помошта и до нив лично и до нивната држава“,
соопшти ЦУК.
Од ЦУК информираа дека денеска наутро бил одржан состанок на Главниот штаб за управување со кризи.
„При што се разгледуваат ситуациите за сите поопасни пожари и се координираат активностите според глобалниот план, усогласен и според ноќните и утринските информации од терен, а и според достапните ресурси и луѓе за гаснење на пожарите“,
велат од ЦУК.
Инаку, Владата вчера на редовна седница ја продолжи кризната состојба на целата територија на државата поради состојбата со пожарите. Зголемен е и буџетот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за гаснење на пожарите.