Училиштата, баровите, рестораните и продавниците се отворени, а во земјата се дозволени собирања до 50 лица
Вицепремиерката на Шведска, Изабела Ловин, денеска негираше дека нејзината Влада следи стратегија на „имунитет на стадо“ и предупреди дека острите мерки предизвикуваат „контрареакција“ .
„Со претерано остри мерки за забрана на движењето се ризикуваат ‘замор’ и ‘контрареакција’ кај луѓето кои престануваат да ги следат советите на Владата“,
изјави шведската вицепремиерка.
Шведска усвои различна стратегија со далеку помалку рестриктивни мерки за социјално дистанцирање за разлика од повеќето европски земји. Училиштата, баровите, рестораните и продавниците се отворени, а во земјата се дозволени собирања до 50 лица.
Ловин за Би-би-си изјави дека пристапот на шведската Влада препознал дека пандемијата на коронавирусот ќе биде „маратон, а не спринт“, но рече дека е „мит дека Шведска не презела сериозни чекори“.
„Мислам дека секоја земја мора да преземе активности во согласност со својата традиција и нејзиниот систем на управување“,
рече таа.
Според неа, вистинскиот страв ако имате премногу остри мерки е дека тие не можат да се одржат со текот на времето и може да се добие контра реакција, така што луѓето нема доброволно да ги следат препораките што „ќе треба да се следат многу долго време“.
„Не сакам да го умориме населението и факт е дека нашиот шведски народ во голема мера не’ поддржува“,
рече таа, негирајќи дека шведската Влада следи стратегија на „имунитет на стадо“.
Според Ворлдометерс, во Шведска со население од нешто повеќе од 10 милиони, има 18 640 заболени од ковид-19 и 2 194 смртни случаи.