Шведска првпат од почетокот на епидемијата ќе спроведе рестриктивна мерка за борба против новиот коронавирус. Тамошните власти најавија делумно затворање на земјата, а во рамки на внатрешните мерки забрането е баровите и рестораните да продаваат алкохол по 22 часот, пренесува Блумберг.
Новите ограничувања ќе се применуваат низ целата земја од 20 ноември, а тоа значи дека сите установи со лиценца за послужување алкохол мора да се затворат во 22:30 часот.
Премиерот на оваа скандинавска земја, Стефан Ловен, на прес-конференција рече дека земјата е изложена на ризик да и се повтори ситуацијата од пролетта.
Во рамки на борбата против пандемијата, властите во 13 од 21 регион издадоа препораки до Швеѓаните да избегнуваат физички контакт со луѓе кои не се од исто домаќинство.
Во последните недели, бројот на лица заразени со коронавирус на дневно ниво значително се зголеми, а болниците пријавуваат огромен прилив на пациенти.