Повеќе од половина, 54 проценти од новите случаи, биле пријавени во Европа, како и 47 проценти од смртните случаи
Бројот на нови случаи на коронавирус во светот минатата недела се зголеми за повеќе од 3,6 милиони, што е најголем број за една недела од почетокот на пандемијата, соопшти Светската здравствена организација.
Бројот на смртни случаи во тој период се зголеми за 54 000, што е за 9 000 повеќе отколку во претходната недела.
Во соопштението се потенцира дека минатата недела бројот на новозаболени лица во светот бил поголем за осум проценти во споредба со претходната недела.
Повеќе од половина, 54 проценти од новите случаи, биле пријавени во Европа, како и 47 проценти од смртните случаи.
Според податоците на британските медиуми, во Европа веќе има над 300 000 смртни случаи како последица на коронавирусот.
Иако во Европа живее само 10 проценти од светската популација, на Стариот Континент се регистрирани речиси четвртина од досега потврдените околу 1,2 милион смртни случаи во светот.
Претходниот рекорден број на новозаразени лица во светот на неделно ниво беше забележан во неделата од 26 октомври до 1 ноември, кога беа заразени 3,3 милиони луѓе.
Според СЗО, заклучно со 8 ноември, околу 49,7 милиони луѓе биле заразени во светот, а 1,2 милион починале.