Доколку мислат дека ќе почнеме да се пазариме за 5 или 10 отсто покачување на плата, тогаш воопшто да не почнуваме. Барањата ни се 78 отсто, со 35 отсто додатоци на плата. Сериозно нека си го сфатат тоа, нема да попуштиме и поради тоа да не се залажуваат, да не го влечат времето. Најмногу 10 работни дена даваме за преговори, вели претседателката на Синдикална организација при јавни обвинителства при Синдикатот на УПОЗ
Штрајкот во Обвинителството продолжува и нема да отстапиме од нашите барање, а кога ќе почнат преговорите ќе се одлучи како ќе постапиме. Меѓутоа до почеток на преговорите штрајкот ќе продолжи, порача денеска претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски, на прес-конференција пред Основното јавно обвинителство каде се одржуваше штрајкот.
Деаноски рече дека на првата средба која ќе ја има работната група, за која Владата вчера даде информација дека ќе се формира, ќе побараат дефинирање на рокови.
„На првата средба ќе бараме дефинирање на рокови. Таа работна група да ја заврши работата во најдолг рок од 10 работни дена. Доколку не ги прифатат нашите услови штрајкот ќе продолжи во поригорозен начин и нема да се работат никакви работни задачи во Обвинителствата. Очекуваме, ако не се договориме, на овој штрајк да се приклучат и колегите од судовите и правобранителството. Тоа би значело дека целото правосудство нема да извршува никакви работни задачи. Ќе прекинеме со работа, ќе блокираме и други институции, штрајкот ќе станува од ден во ден се поригорозен, а имаме најави дека на овој штрајк ќе се приклучуваат и други државни органи“,
рече Деаноски.
На прашањето дали би прифатиле помалку од 78 отсто, доколку им биде понудено, Деаноски рече дека прво ќе почекаат да видат што ќе понудат министрите што ќе бидат во работната група за преговори.
„Нашите барања ги знаат. Ако имаме некакво поместување, ќе одлучат штрајкувачите“,
додаде Деаноски.
Претседателката на Синдикална организација при јавни обвинителства при Синдикатот на УПОЗ, Изабела Илиева, ја поздрави одлуката на Владата, но рече дека работата не е целосно завршена.
„Од министерот за правда побаравме по брза постапка да се донесе законот за јавнообвинителска служба за кој заеднички треба да преговараме, а во него ни е уредена платата и додатоците на плата. Тоа е една порака до министерот. Втората порака е до министерот за финансии. Доколку мислат дека ќе почнеме да се пазариме за 5 или 10 отсто покачување на плата тогаш воопшто да не почнуваме. Барањата ни се 78 отсто, со 35 отсто додатоци на плата. Сериозно нека си го сфатат тоа, нема да попуштиме и поради тоа да не се залажуваат, да не го влечат времето. Најмногу 10 работни дена даваме за преговори“,
рече Илиева.
И таа, како и Деаноски, рече дека доколку ќе ги прифатат нивните барања штрајкот ќе биде уште поригорозен.
Илиева упати порака и до премиерот Димитар Ковачевски и побара и тој да се заложи да им бидат покачени платите како што бараат, затоа што, како што рече Илиева, обвинителството не е во правосудството заедно со судовите туку е директно владин орган и зависи од Финансии во Владата.
Таа нагласи дека за изминатите пет дена, колку што трае штрајкот, има огромен куп на предмети кои се наталожени, што според неа укажува дека без нивната работа не се може.
„Ако ние работиме еден за тројца да знаат дека повеќе нема тоа да го правиме и тоа не за вакви бедни плати. Отсега натаму ќе мора да се цени нашиот труд, нашиот посебен статус, а тоа е висок ризик, поверливост и посебни услови за работа“,
додаде Илиева.
Владата вчера на седница донесе одлука во следните седум дена да биде формирана работна група која ќе работи на изнаоѓање решение во врска со барањата и посочените состојби од страна на судската, јавнообвинителската служба и вработените во органите на државната управа.
Во работната група ќе бидат вклучени министрите за правда, финансии и за информатичко општество и администрација, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, како и претставници од Синдикатот на УПОЗ.
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) во четвртокот излегоа на протест во Скопје од каде што побараа покачување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата.
Од УПОЗ порачаа дека со исполнување на нивното барање за зголемување на платата за 78 проценти, никој од вработените нема да ја надмине просечната плата, туку само ќе се доближи до неа. Со покачување од 78 отсто, како што рекоа, просечната плата на судската администрација ќе биде околу 24 000 денари.