Стотина предистражни постапки во моментов се водат во Специјалното јавно обвинителство, вели шефицата на СЈО Катица Јанева. Се истражуваат индиции за висока корупција и злоупотреба на службена положба, а токму за една предистражна постапка минатата недела во СЈО сведочеше и екс премиерот Никола Груевски. Законот за Специјално обвинителство во членот 22 вели дека тимот на Јанева имаше 18 месеци за покренување обвиненија и тој рок помина. Дали овие стотина предмети можат да завршат пред Суд или СЈО попусто истражува? Катица Јанева смета дека има мандат и понатаму да води предистражни постапки, додека засегнатите, како на пример Груевски, обвинуваат на незаконито работење.
„Денеска бев поканет од СЈО во својство на сведок за некоја нивна, како што кажаа предистражна постапка. Им укажав дека ова што го работат е незаконски, дека нивниот мандат веќе одамна е истечен и дека овие предистражни постапки кои ги водат се практично малтретирање на граѓаните во услови кога не можат да поднесуваат никакви обвиненија и практично работат незаконски.“, изјави екс-премиерот Никола Груевски по исказот во СЈО минатата недела.
„Ние мислиме дека имаме мандат да покренуваме обвиненија, но заради правна сигурност, заради времетраењето на Законот, еве на еден начин ги водиме само предистражните постапки и ќе отвориме истражни постапки, а доколку дојде момент тие истражни постапки да се преточат во обвиненија, се надевам дека ќе ги доставиме до нашите колеги од Обвинителството во организиран криминал и другите обвинителства во Република Македонија, доколку дотогаш не биде решен статусот на СЈО, односно да се приклони кон Јавното обвинителство, како специјално обвинителство.“, рече специјалната обвинителка Катица Јанева во интервју за телевизија Телма.
Прашавме упатени – зошто СЈО води предистражни и истражни постапки, кога нема извесност дека можат да резултираат со обвиненија. И дали воопшто има законска основа да го прави тоа?
„Законот, во член 5 го утврдил надлежностите на СЈО и негова надлежност е да истражува и да гони кривични дела што се поврзани со прислушкуваните разговори и доколку не постапува на овој начин, доколку не ги истражува, би постапило спротивно на овој државниот орган која мора да ја почитува бидејќи така утврдена е со закон, должност е да ги истражува. По однос на тоа дали би било целисходно да се истражуваат кога нема да резултираат со обвиненија, тоа не го знаеме. Се додека и теоретски е можно оној апсурден член 22 од Законот да биде на некаков начин изменет или дополнет, или да се најде некој правен механизам како да се продолжи рокот за поднесување на обвиненија сметам дека СЈО мора да работи.“, смета адвокатката и советничка во СЈО Сузана Јошевска – Анастасовска.
Но, адвокатот и екс заменик -претседател на Советот на јавни обвинители Миралем Асани мисли поинаку.
„Јас сметам дека сите постапки кои биле активни до моментов кога веќе им се ограничени 18 месеци, треба да продолжат од страна на Специјалното обвинителство, а по основ на оние предмети што воопшто не е преземено никакво дејствие, според моето мислење, а и согласно членот 22, би требало да се препуштат на работа на Обвинителство коешто во моментов кај нас егзистира како Основно јавно обвинителство за организиран криминал, по однос на тие предмети потенцирам за кои воопшто не е преземено никакво дејствие.“, вели Асани.
Доколку од актуелните стотина преистражни постапки навистина се покаже дека има основа за отворање истраги, а понатаму и обвиненија, дали Специјалното јавно обвинителство, неможејќи понатаму да постапува, ќе треба да ги предаде предметите онаму од каде што повлече дел од нив – во редовното обвинителство. А нели специјалното обвинителство е единствено надлежно, според закон, за предмети поврзани и кои произлегуваат од прислушуваните разговори?
„Во ред, јас се согласувам со тоа, но тоа беше еден друг период, кога беше републички јавен обвинител друго лице кое го сменија и сега очекуваме од новиот јавен обвинител, сепак подобро да ги води работите, како што треба,согласно законот, Уставот и меѓународните ратификувани документи.“, додава Асани.
„,Сега само што во моментот не може да покренува обвиненија, мислам дека не треба да ја запре работата, бидејќи теоретски постои некоја можност да се продолжи, дали ќе се користат механизмите преку Уставен суд, дали преку Парламентот или ова што како нова идеја се јави да се вклопи во рамките на Обвинителството, не знаеме. Но, не можеме апсурдноста на еден член и противзаконитоста на еден член да не` води во нова апсурдност, а таа нова би била ние кривични дела од област на организиран криминал и корупција со сила да ги застариме, односно вештачки, со сила да ги застариме.“, додава Јошевска – Атанасовска.
СЈО продолжува со работа и застапувањето на обвиненијата пред суд никој не го спори. Но, што ќе се случи со другите отворени предмети, ќе може да се насети по усвојувањето на стратегијата за реформи во правосудството. Во нацрт-верзијата на стратегијата се предвидува интегрирање на СЈО како автономно обвинителство во рамките на редовното, со проширена надлежност за високо-профилни политички случаи. Но, за ова да стане реалност, потребна е двотретинска поддршка во парламентот што во овој момент се чини тешко достижно.