Во владиното соопштение на кое се работело до доцна (19:55 часот) ги нема ниту документите ниту аргументите кои премиерот кажа дека ќе докажат оти „чуму би правеле софтвер ако нема потреба“
Како што најавија премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Љупчо Николовски, Владата се јави со „објаснување“ за прашањето што го отвори „360 степени“ – зошто поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, купил софтвер за казни за сообраќајни прекрошоци кој ниту се користи, ниту, пак, МВР му го побарал.
Зборот „објаснување“ не е случајно во наводници, бидејќи во владиното соопштение на кое се работело до доцна (19:55 часот) ги нема ниту документите ниту аргументите кои премиерот кажа дека ќе докажат оти „чуму би правеле софтвер ако нема потреба“.
Што недостасува во соопштението
Сторијата која доведе до вечерашното соопштение е објавена пред речиси 48 часа. Во неа „360 степени“ ѝ презентираше на јавноста дека Генералниот секретаријат на Владата во 2020 година, тогаш предводен од Драги Рашковски, купил софтвер за детектирање и автоматско казнување на сообраќајни прекршоци. Договорот од 81 000 евра е склучен во февруари, софтверот требало да биде испорачан најдоцна во јули, а фактурата била платена неколку дена пред парламентарните избори.
Првиот проблем во приказната е што тогаш Рашковски, а денеска и премиерот Заев, тврдат дека софтверот е купен во координација со МВР. Ама за цело време, МВР вели дека нема врска со софтверот и дека тие си прават свој систем. Затоа, вечерва се очекуваа документите од таа комуникација или како што најави и премиерот „со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтвер кој може да се употребува во МВР“.
Наместо документи, во владиното соопштение има само еден пасус за комуникацијата меѓу МВР и Генералниот секретаријат. Но, и во него нема ниту збор за координација МВР-Генерален секретаријат пред да се купува софтверот, туку само за известување од Секретаријатот до МВР однсоно до Бирото за јавна безбедност при тестирањето на софтверот.
„Извршено е тестирање на софтверот при што констатирано е дека е целосно функционален и ефикасен, а за тестирањето на софтверот имало претходни известувања од службите на Генералниот секретаријат на Владата до Министерството за внатрешни работи односно до Бирото за јавна безбедност“,
соопштија од Владата.
На ниту едно друго место во владиното соопштение не се споменува – кој, освен Генералниот секретаријат, ја планирал набавката на софтверот и ако се е планирано – каде тогаш треба да се инсталира?
Вториот потенцијален проблем во целата јавна набавка го обелоденивме денеска. Драги Рашковски, како иноватор, имал патентирано „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни” уште од 2018 година. Со изумот се пофалил самиот, во својата лична биографија, која е достапна на интернет. Случајно или не, системот за кој „360 степени“ извести дека го набавил Рашковски во 2020 година како генерален секретар на Владата, а осум месеци не се употребува од ниедна институција, има речиси исто име: „Софтвер за определување просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни“. За оваа набавка Владата ѝ платила околу 81 илјада евра на фирмата „Инвока гроуп“.
Што вели Владата за оваа коинциденција? Уште во првиот пасус на соопштението има дециден став:
„При набавката на софтверот не е прекршена ниту една процедура за јавни набавки и не е констатиран никаков конфликт на интерес“,
велат од Владата.
Но, веднаш потоа Владата објаснува дека било важно што софтверот (заедно со авторските права) што го купиле за 81 000 евра сега е во владина сопственост, а кој бил автор пред тоа не било „критериум“.
„Владата како сопственик на софтверот и на авторските права, може, без услови, да го модификува и надградува софтверот, по сопствено наоѓање. Изворот на авторски права никогаш не е и во овој случај не бил критериум при оценувањето на понудите на јавните набавки.“
соопштија од Владата.
Така, како и со намената, не е до крај чисто – кој е идејниот творец на софтверот.
За софтверот, сè најдобро
Можеби не се знае каде и дали ќе се користи и кој му е идејниот творец, но Владата уверува дека софтверот е „оспособен, тестиран и предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци“ и дека ќе го „подобри … почитувањето на сообраќајните правила“.
„Софтверот, изработен од ‘ФИНКИ’ и Друштво за инженеринг, информатика и дигитален дизајн ‘ИНВОКА ГРОУП’ ДООЕЛ Скопје е целосно оспособен, тестиран и предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци. Создаден е за различни камери, не фаворизира ниту еден хардвер и може да детектира многу широк спектар на различни сообраќајни прекршоци. Тој претставува автоматизиран систем кој го елиминира човечкиот фактор при одлуката за санкционирање на сообраќаен прекршок и со оваа функционалност значајно ќе го подобри регулирањето и почитувањето на сообраќајните правила“ ,
соопштија од Владата.
Иако со малку поинаков речник, тоа е истото што го кажа Драги Рашковски во интервјуто за „360 степени“ кога се подготвуваше првичната сторија. Единствената новина во владиното соопштение е повикот до „надлежните“ институции, а именувана е само Државната комисија за спречување на комисијата, да го проверат случајот.
„Ги повикуваме надлежните институции, вклучително и ДКСК да ги извршат сите неопходни проверки вклучително и тоа дали при обезбедувањето на овој софтвер и на авторските права за овој софтвер се прекршени какви било процедури, правила, стандарди или е нарушен принципот на избегнување конфликт на интерес“,
велат од Владата.