Само возилата што му се неопходни на кабинетот на министерот Чулев ќе се повлечат, а директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, ќе се вклучи во надминување на ситуацијата што настана откако техничкиот министер испрати телеграма со која ги укина наредбите на Спасовски
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска денеска одржале два состанока на кои разговарале за сите отворени прашања и несогласувања што настанаа во МВР откако тие ги зазедоа функциите во техничката влада.

Првиот состанок бил во четири очи помеѓу двајцата, додека вториот бил во проширен состав на кој присуствувале и заменик-министерот Агим Нухиу, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски и неговиот заменик Бесир Деари.
Една од точките за кои разговарале било барањето на Чулев во МВР да се вратат повеќе од 30 возила, за што тие се договориле ако постои сомнение за несоодветно користење тоа да го провери Одделот за внатрешна контрола.
„Беше договорено и дека ќе се повлечат само оние возила што се нужно неопходни за кабинетот и министерот, без притоа да се наруши секојдневното работење на службениците. Истовремено беше констатирано во меѓусебна координација на организациските единици да се направи соодветна распределба на возилата, водејќи сметка за кабинетите на министерот и дополнителниот заменски министер“, соопштија од МВР.
За потсетување, на списокот со кој Чулев деновиве побара да се вратат возилата се најдоа неколку возила што ги користи обезбедувањето на премиерот на техничката влада Оливер Спасовски, возило од кабинетот на Славјанка Петровска, возило кое е на користење кај претседателот Стево Пендаровски, а е наследено од мандатот на Ѓорге Иванов, неколку возила за специјални намени и др.
Телеграмата со која Чулев ги извести сите раководители на организациските единици во МВР дека престануваат да важат наредбите кои претходно ги издал Оливер Спасовски, исто така, била тема на денешните состаноци.
„Заеднички став е да се преземат активности од директорот на Бирото за јавна безбедност, кои активности се во тек, а со кои во сите организациски единици каде што има потреба да се распоредат работниците со решенија“, соопштија од МВР.
Оваа телеграма се чини создаде најголеми проблеми изминатите денови бидејќи се укинаа наредбите работниците да вршат задачи во други единици со што се создаде недостаток од кадар. Така, на пример, извори од МВР тврдеа дека куќата на премиерот Спасовски еден час во саботата останала без полицаец во стражарската куќичка, а недостаток на луѓе се појавил на граничните премини Долно Блаце и Јажинце на северната граница и во обезбедувањето на амбасадите на Албанија и на Турција, кои засилено се покриваат по настаните Блискиот Исток. Извесен вакуум се појавил и во обезбедувањето на амбасадите на Бугарија, Босна и Херцеговина, Чешка и резиденцијата на амбасадорот на Европската Унија. Наспроти ваквите тврдења, пак, Чулев тврдеше дека не постојат такви проблеми.
Несогласувања помеѓу Чулев и Петровска имаше и за тоа кој да биде началник на СВР Скопје. Министерот го номинираше Ристо Ставревски, кој помина без потпис на Петровска, па Чулев побара за ова прашање да се изјасни и Државната изборна комисија (ДИК). Оттаму, пак, најавуваат дека одлука ќе донесат утре.
*Поврзана вест
Обезбедувањето на Иванов се пријавило кај Пендаровски, но не почнало со работа