Распоредот на сили во законодавниот дом засега останува непроменет, иако и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат најави за проширување, односно за преструктуирање на мнозинството
Синоќа пропадна уште еден блеф на Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ. На површина излезе уште една лага за наводно создавање ново парламентарното мнозинство, коментираа денеска од пратеничката група на СДСМ, откако Собранието синоќа не ја прифати интерпелацијата против вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
По речиси 12-часовната расправа во невообичаено полна сала, во гласањето учествуваа 108 пратеници. За интерпелацијата гласаа 53 пратеници од опозицијата, наспроти 55 пратеници од владејачкото мнозинство кои беа против. Според тоа, кон интерпелацијата што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ се приклучија и пратеници од опозициската коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива. Во гласањето, всушност, не учествувале само петмина од вкупно 58 опозициски пратеници, така што недостигаа осум до потребните 61 глас за интерпелацијата да биде успешна.
„Вчера, јавноста сведочеше на уште еден изгубен ден овде во Собранието. Наместо за потребите на граѓаните, цел ден се зборуваше за хировите на Мицкоски. Додека преку пленумот и преку собраниските комисиите блокира важни закони за граѓаните, како оние за поддршка на земјоделците, за унапредување на енергетската ефикасност, за поддршка на единиците на локалната самоуправа, вчера ВМРО-ДПМНЕ потроши цел ден за уште една пропадната интерпелација, за уште еден обид за опструкција“,
изјави денеска, на прес-конференција во Собранието, пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пред десетина дена уште еднаш изјави дека неговата партија преговара со пратеници од владејачките партии за „прекројување“ на собраниското мнозинство.
„Тројца пратеници нѐ делат од мнозинство за соборување на Владата. Не мислам дека е невозможно тоа да се случи, да почекаме“,
рече Николоски.
На крајот на вчерашната собраниска седница парламентарното мнозинство, кое брои 62 члена, испорача два гласа повеќе од опозицијата, односно 55 против интерпелацијата за Димитров, во чија одбрана од собраниската говорница се придружија и пратеници од ДУИ и од Беса.
„Со неуспешната интерпелација за заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, деструкциите, неодговорното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски одново беа поразени во Собранието“,
вели пратеникот Костовски.
Според него, ист исход се очекува и со интерпелациите најавени за вицепремиерот Љупчо Николовски и за министерот за правда Бојан Маричиќ.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на денешната прес-конференција изјави дека не само министрите Николовски и Маричиќ, туку целата Влада, според него, треба да поднесе оставка, по последниот извештај за глобалниот индекс на демократија за 2020 година на Магазинот „Економист“.
„Кога поднесовме интерпелација за министрите за борба против корупција и министерот за правда, од Владата се правдаа дека лошите оценки биле перцепција. Денес е јасно дека Владата ја носи државата кон бездна. И оставката на овие двајца министри не е доволна. Владата после вакви катастрофални оценки најмалку што треба да направи е да поднесе колективна оставка. Нема ниту една причина да се губи и краде иднината на граѓаните“,
вели Мисајловски.