Зибери вели дека нема формулација „нехуман третман“, но констатацијата е дека Камчев на почетокот бил сместен несоодветно, во однос на простор и други услови. Во меѓувреме, е констатирано дека состојбите се надминати
Тим од канцеларијата на Народниот правобранител го посетил притворениот бизнисмен Орце Камчев во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари откако тој и неговиот адвокатски тим се пожалиле дека врз него се врши тортура и добива нехуман третман.
Народниот правобранител Насер Зибери, во разговор за „360 степени“, вели дека тој лично не го посетил Камчев, туку тоа го направиле службите, кои изготвиле извештај и го доставиле до бизнисменот и до неговите адвокати.
Зибери вели дека нема формулација „нехуман третман“, но констатацијата е дека Камчев бил сместен во несоодветни услови, во однос на простор и други услови.

„Имаше и приговор на тоа дека не му било доставувано вода од кантината. Во меѓувреме, е констатирано дека состојбите се надминати , а тој е преместен во друга просторија и надминато е тоа со водата“,
вели Зибери.
Една од поплаките на Камчев била и во однос на укажување здравствени услуги во затворот, но според народниот правобранител, било констатирано дека секогаш кога барал, ги добивал. Уште една забелешка била на тоа што не функционирал алармот во просторијата каде што бил сместен.
„Не само кај него, туку алармот не функционира во сите простории и затоа управата врши постојано надгледување на сите притвореници во сите простории“,
вели Зибери.
Адвокатот Тони Менкиноски, пак, вели дека она што е констатирано е дека неговиот клиент имал нехуман и деградирачки однос. За тоа ја известиле и меѓународната заедница, меѓу кои и Комитетот за превенција од тортура и комесарот за човекови права на Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права и други.

„Сите ги информиравме во каква состојба е. Повредено му е правото на живот и вршена е тортура врз него со нехуман и понижувачко однесување, со деградирачки третман“,
вели Менкиноски за „360 степени“.
Директорот на затворот „Скопје“, Филип Андов, пак, ги отфрла обвинувањата од одбраната и тврди дека врз притвореникот не е вршена тортура, ниту некој се однесува нечовечки. Во однос на наодите на народниот правобранител, пак, не сакаше да коментира. Во краткиот телефонски разговор посочи дека Камчев првите десет дена бил сместен во просториите кои се слободи и според протоколите кои ги налага ситуацијата со ковид-19. Откако поминал тој период на „изолација“, бизнисменот бил преместен во друга ќелија во еден од затворските блокови во која е сам, по барање на одбраната и по согласност од судот.

Орце Камчев заврши во 30-дневен притвор на 14 март како еден од осомничените во предметот „Плацови на Водно“. Притворот го одреди судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје по барање на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција откако Агенцијата за национална безбедност (АНБ) достави белешка дека се подготвува за бегство. За мерката притвор, тој поднесе жалба до кривичниот совет, но таа му беше одбиена.
- (ФОТО+ВИДЕО) 30 дена притвор за Камчев: „Ова е садизам“, изјави неговиот адвокат Менкиновски
- Камчев останува во Шутка, Кривичен му ја одби жалбата за притворот
- Кој ги измеша законите при приведувањето на Камчев?
Во истрагата за „Плацовите на Водно“, покрај Камчев осомничени се и експремиерот Никола Груевски, Сашо Мијалков, кумот на Груевски, Ристо Новачевски, мајката на Камчев, Ратка Камчева…
- „Призма“: Првото делче од „Империја“ пред обвинение
- „Империјата“ на Камчев, Мијалков и другите осум месеци го чека финансиското вештачење
Предметот се однесува на тоа дека со пари од членарина и партиски донации за ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни плацови на Водно. Станува збор за земјиште од 11 000 квадратни метри и сума од 1,3 милиони евра. Неодамна, во рамки на истрагата обвинителството вршеше претрес и во станови кои се поврзуваат со Груевски.