Покрај средбата и прошетката низ Старата скопска чаршија, германскиот претседател во рамки на дводневната посета ќе има средба и со младинци од Претседателскиот центар за политичко образование, ќе го посети ветерниот парк во Богданци, а потоа и фабриката „Дрекслмајер“ во Кавадарци
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер денеска го започнува вториот ден од официјалната посета на Северна Македонија, а се очекува да прошета низ Старата скопска чаршија и во Чифте аман да се сретне со екипата од македонскиот документарен филм „Медена земја“.
За средбата со екипата со документарецот, тој зборуваше и вчера во Собранието.
„Утре ќе разговарам со Атиџе Муратова и со авторите на филмот ’Медена земја‘. Муратова, која е една од последните диви пчеларки во Европа, кога таа собира саќе и мед им вели на своите пчели: ’Пола за мене, пола за вас‘. Оваа порака, на овој успешен македонски филм, кој истовремено е полн со значења, го обиколи светот. И ние ја знаеме во Германија. Во моите очи ’Медена земја‘ истовремено е две нешта: израз на гордата култура на една мала земја, а истовремено пренесува една уште поголема порака чие значење излегува надвор од границите на поединечната земја. Не смееме целосно да ги искористиме даровите од природата, ниту неповратно да ја уништиме нашата животна средина. Ова е задачата пред која е исправено човештвото и ние во Германија сакаме да соработуваме на ова поле“,
рече вчера Штајнмајер пред пратениците.
Покрај средбата и прошетката низ Старата скопска чаршија, германскиот претседател во рамки на дводневната посета ќе има средба и со младинци посетители на Политичкото училиште на Претседателскиот центар за политичко образование.
Попладне Штајнмајер ќе го посети ветерниот парк во Богданци, прв од ваков вид на Западен Балкан, а потоа и фабриката „Дрекслмајер“ во Кавадарци.
Шефот на германската држава посетата на Северна Македонија ја започна вчера. Со највисоки државни и воени почести во претседателскиот кабинет го пречека претседателот Стево Пендаровски, со кого имаа средба, а одржаа и заедничка прес-конференција. Заедно, положија и цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.
Штајнмајер се сретна и со премиерот Димитар Ковачевски, а се обрати и пред пратениците во Собранието каде порача дека Северна Македонија се наоѓа пред важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го трасира патот за отворање на поглавјата од преговорите со ЕУ. Порача дека сега не е време за политички поени и запаѓање во националистички призвуци. За патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор, рече Штајнмајер и изрази уверување дека земјата може и понатаму да се потпре на поддршката на Германија на патот кон ЕУ, но дека мора да продолжи и со реформската агенда.
Ова е прва официјална посета на Штајнмајер на Северна Македонија. Од Скопје, германскиот претседател заминува во посета на Албанија.