Во ургентна процедура, како што пишува во објавата на Комитетот за надворешни работи на шпанскиот Сенат, ќе биде изгласан актот за ратификација на Протоколот за членство на С Македонија во НАТО.
Сенатскиот комитет денеска информира дека ги добил потребните материјали од Конгресот и решил да поведе постапка за забрзано прифаќање на документот. Во оваа фаза, на сенаторите кои членуваат во Комитетот им е оставен период од четири дена, односно до 9 март до кога ќе можат да даваат свои забелешки и предлози на актот.
Во најавата за активностите пак, стои дека 25 март е крајниот датум до кој Сенатот треба да го процесуира Протоколот.
По изгласувањето на Протоколот и неговото парафирање од шпанскиот крал, Шпанија има обврска да го депонира ратификацискиот инструмент во депозитарот во Стејт департментот во Вашингтон и со тоа да биде заокружен процесот на потврда на членството на С Македонија во НАТО.