Судијата Карлос Пеинадо, кој го одби барањето на Санчез да сведочи во писмена форма, денеска дојде во резиденцијата на премиерот за да му земе изјава
Шпанскиот премиер Педро Санчез нема да сведочи во случајот за корупција во кој е обвинета неговата сопруга Бегона Гомез, соопштија адвокатите.

Распитот траеше само една минута бидејќи премиерот решил да го искористи правото да не сведочи против сопругата.
Групата наречена „Манос лимпијас“ (Чисти раце), која се опишува себеси како синдикат, тврди дека сопругата на Санчез, Бегоња Гомеш, ја искористила својата позиција за да влијае на деловни зделки.
Судијата Карлос Пеинадо, кој го одби барањето на Санчез да сведочи во писмена форма, денеска дојде во резиденцијата на премиерот за да му земе изјава.
Санчез, еден од социјалистичките лидери со најдолг стаж во Европа, не е обврзан да сведочи бидејќи според законот тој не мора да го прави тоа против својата сопруга.
Судијата го прифати барањето на екстремнодесничарската партија Вокс да присуствува на сослушувањето на премиерот.
Санчез постојано велеше дека тоа е кампања за оцрнување насочена кон тоа да ѝ се нанесе штета на шпанската левичарска коалициска влада предводена од неговата Социјалистичка партија.
Канцеларијата на шпанското јавно обвинителство препорача да се прекине истрагата, но покраинскиот суд одлучи дека судијата од понискиот суд може да ја продолжи. Судијата или ќе ги отфрли обвиненијата или ќе препорача случајот да оди на судење.
Откако беше покрената истрагата, Санчез ја запрепасти нацијата со тоа што во отворено писмо објавено на социјалните мрежи во април рече дека ќе размисли да се повлече од функцијата поради, како што рече, „напад без преседан“ на неговата сопруга. По пет дена молк, Санчез рече дека одлучил да остане на функцијата.
Бегона Гомез нема никаква јавна функција или големо политичко влијание. Студирала маркетинг и била вклучена во проекти за собирање средства и во невладини организации.